Државата времено ги суспендираше плаќањата од ИПАРД 3 додека трае истрагата за Стоилев
Државата времено ги суспендираше плаќањата за македонските земјоделци од ИПАРД 3 програмата додека трае истрагата за мито за диркеторот на Платежната агенција, Илија Стоилев.
За оваа одлука Министерството за финансии ги известило и Европската Комисија и службите во Брисел.
-Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција, велат од Финансии.
Европската комисија побарала дополнителни информации од нашите институции и како што велат од Канцеларијата на ЕУ во Македонаија, ја задржува можноста да преземат превентивни мерки за заштита на финансиските инстереси на ЕУ.
-Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД III додека не се разјаснат околностите. Со оглед на тоа дека во моментов во тек е истрага, не би можеле да дадеме дополнителни коментари. Очекуваме институциите од Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање. ЕУ останува посветена на обезбедување поддршка за фармерите, земјоделството и руралните области, доколку средствата од ЕУ се обезбедени соодветно, велат од ЕУ.
Во текот на денот разногласие во јавноста за судбината на ИПАРД 3. Поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски тврдеше дека програмата е целосно стопирана. Рече дека во петокот околу 16 часот македонските власти добиле известување за суспендирање на ИПАРД 3, односно одлука за суспендирање на плаќањата во програмата.
-Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици. Сето ова е под суспензија. Причината е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство, рече Николовски.
Министерот Трипуновски негира и уверува дека европските средства не се загрозени. Вели, Европската Комисија ја поздравила акцијата на МВР и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Трипуновски вели, по апсењето на Стоилев, службеници од Министерството ја проверуваат целата работа на Платежната агенција во делот на исплатата на ИПАРД средствата.
-Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата којашто ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои ги правиме во самата Агенција за нејзиното работење се силно поздравени од страна на Брисел затоа што само на тој начин ќе можеме да бидеме како држава и спремни сме да работиме согласно закон и процедури, вели Трипуновски.
Во однос на обвинувањата за петтоосомничената Јасмина Костадинова, за која опозицијата тврди дека е советничка на Трипуновски, министерот вели дека таа никогаш не била дел од неговиот кабинет, а обвинувањата имале за цел само да го оцрнуваат него лично.
-Лицето коешто е дел од акцијата не било дел од мојот кабинет во рамките на министерството кога сум назначен. Тоа е вработено во Управата за Водостопанство со договор за вработување којшто, истиот, уште во петокот е раскинат со тоа лице. Така што, мислам дека се тоа безусловни обвинувања колку да се спомене името на министерот, вели Трипуновски.
Платежна агенција се уште нема нов директор, а најавите на министерот се дека тоа ќе се случи во скоро време. Стоилев беше фатен како прима потпук од 400 евра. Тоа било прва рата од ветените 50 илјади евра. Парите му ги понудил поранешниот министер за локална самоуправа и правда, Џевдет Насуфи кој сега е сопственик на агро фирма во Струга. Во акцијата осомничени се пет лица. Четворица се во ефективен, а само споменатата Костадинова доби мерка куќен притвор.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
