31 питомци и 28 слушатели на курсот за офицери дадоа свечена заклетва
Обврзувајќи се да и служат на Македонија и дека ќе ја штитат нејзината независност и сувереност и територијален интегритет 31 питомец од 29 класа на Воената академија положија заклетва.
„Обврската која ја преземате не е само одбран збир на патриотски зборови, туку цврст израз на решеност, истрајност, одлучност и верност“, им порача претседателката Силјановска Давкова, потенцирајќи дека стапуваат во редовите на армијата кога се најпотребни.
-Вашата улога е клучна за колективната безбедност и одбрана: преку учеството во важни мировни мисии, воени вежби и цврсти партнерства со стратешките партнери и сојузниците. Заклетвата којашто денес ја полагате не е само обврска кон државата, туку обврска кон самите себе: гласно ветување дека ќе ѝ се спротивставите на неправдата, дека ќе ја браните вистината, дека чесно ќе ја носите униформата секаде и секогаш, порача Претседателката.
Министерот за одбрана им порача дека од денеска се дел од големо армиско семејство, каде интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација. Положувањето заклетва е ветување кон државата.
За питомците Јана и Росе, љубовта кон татковината и желбата да се штитат националните интереси се мотив да се стане дел од воената академија.
Од денеска и 28 подофицери стартуваат со курсот за офицери. Во период од шест месеци освен македонските подофицери, курсот по дадената заклетва ќе го следат и пет кандидати од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
