Наместо обвинувања, партиите да понудат решенија за поткрепа на судството
Партиите меѓусебно се обвинуваат, експертите повикуваат на воздражонст. Проширувањето на американската црна листа со судија, велат не треба да е причина политиката да ги коментира состојбите во правосудството, или да отркива детали за полициски постапувања во Судскиот совет. Поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска, вели, жалосно е што домашните институции не ја препознале корупцијата за која информираат САД. Повикува наместо обвинувања, партиите да понудат решенија.
„Во никој случај објавувањето на црните листи односно лицата кои се ставен на црната листа не може да биде охрабрување за давање на политички изјави. Изјавите треба да бидат во насока што евентуално понатаму би правеле кога добиле еве вакви информации, а тоа е да се упатат органите кои се надлежни за ваквите состојби да вршат испитувања и да донесуваат крајни решенија со кои што ќе ја поткрепат довербата во судството“, изјави Маргарита Цаца Николовска, Поранешна судијка.
Во меѓувреме, продолжуваат партиските препукувања. Опозицската СДСМ ја обвинува власта за партизација на судството.
„Додека јавно се врши притисок врз Судскиот совет, избран е првиот судија од тефтерчето на Мицкоски. Сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ е назначена за член на Судскиот совет. Тоа е уште една потврда дека целта на власта е потполна контрола врз судството и ништо друго“, изјави Богданка Кузевска, СДСМ.
Опозицијата од албанскиот политички блок препознава притисоци врз Уставниот суд кој треба да одлучува за примената на јазикот. Бараат власта да го повлече барањето за испитување на уставноста на законот.
„Чинот на повлекување на оваа иницијатива и запирање на притисоците врз институциите ќе биде конкретен доказ дека премиерот не користи празни декларации за да ги покрие дејствијата кои се спротивни на еднаквоста и интерграцијата“, се вели во соопштението на ДУИ.
Од партијата на власт прстот за притисоци и партизација го вперуваат кон претходната владејачка гарнитура. Велат, судските одлуки се носеле по диктат.
„Довербата во судството е само 2 проценти заради тоа што судиите, наместо по закон, работеле под притисок. Во ситуација која знаеме дека Груби обликувал судски одлуки, логички се поставува прашањето, колку предмети се завршени под негов диктат?“, изјави Бране Петрушевски, ВМРО-ДПМНЕ.
Изминатава недела американските власти ја проширија црната листа со додавање на поранешниот вицепремиер Груби и апелациониот судија Беџети бидејќи имале докази дека влијаеле врз предметот за масовното прислушување. Во меѓувреме, полицијата бараше документи од Судскиот совет за кои претходно премиерот Мицкоски говореше дека има сомнеж за фалсификување записници.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар