Македонија
25. November 2024 - 16:32

Измамници праќале лажни пораки во име на ФЗО – Државата подготвува Закон за сајбер безбедност

Да кликнат на одреден линк и да споделат лични податоци и информации за трансакциони сметки – вакви лажни пораки за рефундации на средства во име на Фондот за здравствено осигурување  стигнувале на е-маил адреси на граѓани. Од Фондот повикаа граѓаните да не наседнуваат на ваквите пораки, за да не им бидат злоупотребени податоците. Случајот веќе е е пријавен во МВР.

Во лажните пораки,  кои не се испратени од е-меилот на ФЗО, им се укажува на граѓаните дека наводно системот со управување на трансакции на Фондот препознава дека треба да добијат исплата за рефундација на средства по што треба да кликнат на одреден линк. Фондот им укажува на граѓаните да не наседнуваат на ваквите лажни пораки за да не бидат злоупотребени нивните лични податоци и трансакциски сметки, а доколку се во можност да пријават во Службата за компјутерски криминал во МВР, велат од Фондот.

Ресорниот министер Андоновски вели дека ова е последен во низата случаи на сајбер закани на кои мета се државни институции. Целосна заштита вели не може да се обезбеди , но со законското решение за сајбер безбедност кое е во подготовка државата ќе создаде механизам за како да се одговори на нападите.Најдоцна до февруари треба да се најде во Собрание пред пратениците. 

Најчесто интересот на ваквите напади е финансиски, но и злоупотреба за лични податоци кои подоцна се продаваат за лажни идентитети, но не е исклучено да има и геостратешки интерес, вели Андоновски. Претходно и УЈП, Пошти испратија предупредување до граѓаните дека се испраќаат лажни пораки во нивно име.

До крајот на годината се очекува владиниот филтер да го помине и Националната стратегија за сајбер безбедност.