Продолжува амандмантската расправа за предлог-буџетот
Продолжува амандмантската расправа за предлог-буџетот за идната година. Пратениците од опозицијата денеска преку амандмани бараа повеќе пари за преведувачи од турски јазик во судовите, но и повеќе пари за набавка на дронови за полицијата.
Пратеникот Оливер Спасовски вели, дроновите им се потребни на службите поради зголемениот број на пожари, но и спасувачките акции. Власта вели, пари за тоа веќе се предвидени и нема потреба да се прифати амандманот на Спасовски.
-Предлагаме да се обезбедат финансиски средства во Буџетот на Министерството за внатрешни работи во износ од 10 милиони денари коишто ќе можат да се искористат за набавка на 30 дронови кои ќе се искористат за полициските сили на Македонија. Ќе се подобри ефикасноста на полициските операции, ќе се зголеми дронови коишто и во овој период ги имаме.
-Од досегашните, ребалансирани со буџетот за 2024, 136 милиони денари, ги зголемуваме на 146 милиони денари со што МВР има доволно средства за да ја реализира и оваа набавка. Од тие причини сметам дека амандманот се одбива, вели Николче Јанкуловски, заменик министер за финансии.
Опозицијата обвинува дека власта им ги одбива амандманите без аргументи и без било какво чувство за проблемите на граѓаните. Според СДСМ, одбиени се амандмани за поголеми плати, а во исто време, се зголемува ставката за мебел и луксузни возила за функционерите.
-Одбиени се амандманите за поголема плата за работниците, одбиен е амандманот за покачување на платите на полицајците за 20%, на пожарникарите, на платите во образованието. Гледаме анти-социјални политики на Мицкоски и ДПМНЕ враќање на моделот во кој работниците ќе бидат само евтина работна сила. Се што е предлог за покачување на плати власта го одбива. СДСМ поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но ВМРО-ДПМНЕ и тоа го одби, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Власта, пак, тврди, фокусот е на младите. Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, неколкукратно се зголемени парите за младински политики.
-Ставката „студентски стандард“ бележи раст од 52% во споредба со предлог-буџетот за 2024 година, или обезбедени речиси 2 милијарди денари. Обезбедени се повеќе средства и за субвенциониран студентски оброк. И „ученичкиот стандард“ бележи раст од цели 94,6% во споредба со 2024 година, вели пратнеичката Драгана Бојковска.
Пратениците имаат уште два дена амандмантска расправа по што ќе биде испратен до Владата за да бидат вметнати амандманите кои се прифатливи за пратениците. Веќе во втората недела од декември ќе мора да се најде на Пленарна седница.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар