Македонија
21. јуни 2024 - 16:29

Гужви на граничните премини

Голем број македонски граѓани продолжениот викенд ќе го поминат на некоја од плажите во Грција. Трите слободни дена ја зголемија фреквенцијата на граничните премини со јужниот сосед. Колони со возила уште од раните утрински часови ги наполнија премините, а вообичаено најголемата гужва и овој пат беше регистрирана на Богородица. Само за  24 часа овде се регистрирани над 25 илјади патници од кои најголемиот дел биле на излез од Македонија кон Грција. Од нив близу 10 илјади се македонски државјани. Од регионалниот центар Југ велат дека оваа гужва била очекувана и затоа од нивна страна се активирани сите човечки и технички ресурси, а за премин на границата се чека од 45 до 60 минути.

Пограничните служби зголемена фреквенција очекуваат и во текот на утрешниот ден, но најверојатно со намален интензитет во однос на денес. Поголеми гужви се очекуваат и во недела во попладневните часови кога викенд туристите ќе се вратат назад во Македонија.