Македонија
24. February 2022 - 11:30

Маричиќ: Осуда за агресијата на Русија врз Украина

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ го осуди нападот на Русија врз Украина. За денеска, како што изјави, е свикана вонредна седница на Владата на која ќе се разговара за ситуацијата во Украина. Уверува дека Владата има план за ублажување на ефектите од украинската криза.

– Изразувам осуда за агресијата на Русија врз Украина утрово. Тоа е агресија која е недозволива. Ние ја почитуваме и поддржуваме територијалната целовитост и независност на Украина и стоиме со украинскиот народ, рече Маричиќ на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“.

Северна Македонија, посочи Маричиќ, како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ се координира со партнерите за натамошните чекори.

– Иако сме мала земја, сепак нудиме помош колку што можеме на Украина во овие моменти. Вчера имаше и телефонски разговор на премиерот Ковачевски со неговиот украински колега, каде ги испративме овие пораки, рече Маричиќ.

Додаде дека Владата има план за ублажување на економските ефекти од украинската криза и дека институциите се подготвени.

– Без да навлегувам во детали околу анализите и економските ефекти на украинската криза, Владата интензивно веќе некое време се подготвува и прави планови и сценарија за ублажување на ефектите за македонските граѓани, рече Маричиќ.