Свет
29. December 2019 - 10:57

СВЕТОТ ВО 2019: Украина изгледа доби вистински слуга на народот

Пред речиси четири години во Украина почна да се емитува телевизиската серија „Слуга на народот“ во која комичарот Володимир Зеленски толкуваше улога на професор кој случајно ќе стане претседател, откако на социјалните мрежи ќе објави експлозивен говор за украинската политика.

На 23 април Зеленски ја претвори својата телевизиска улога во реалност и стана претседател на Украина. По 15 години натпревар меѓу Тимошенко и Порошенко, Украинците покажаа дека се уморни од нив и не им веруваат и со големо мнозинство го избраа Зеленски за свој претседател. Тие во декември преку испитување на јавното мислење го прогласија и за политичар на годината.

Кампањата на Зеленски беше поинаква и им пркосеше на стереотипите. Тој ги немаше вообичаените собири и политички говори, ниту веселите видеоклипови на социјалните мрежи. Овој 41-годишник своето незнаење го претстави како своја доблест и отворено призна дека нема цврсти политички ставови.

– Нема ветувања, нема разочарувања, беше една од неговите изјави.

Сепак, тој покажа дека е многу сериозен со своите предизборни ветувања и на 20 мај, откако во Врховната рада во Киев положи заклетва на почетокот на петгодишниот мандат за претседател на Украина, веднаш го распушти Парламентот. Според него, таа институција беше „група луѓе заинтересирани само за богатење“.

На крајот од јули се одржаа вонредни парламентарни избори на кои, очекувано, убедливо победи партијата на Зеленски, Слуга на народот, освојувајќи околу 45 проценти од гласовите на избирачите.

Кусо време откако седна во пратеничките клупи, народните избраници изгласаа неколку популарни закони, меѓу кои и укинување на пратеничкиот имунитет од кривично гонење. Тоа беше еден од начините да се исполни предизборното ветување на Зеленски дека ќе се отстрани корупцијата во политиката. Тој на 11 септември потпиша указ за откажување од пратеничкиот имунитет, кој стапува во сила на 1 јануари 2020 година.

Во меѓувреме, Зеленски се обидува да ги реши и отворените прашања со Русија, иако не му недостасуваат и провокации како кога преку статус на Фејсбук ѝ предложи на Русија да ѝ го врати Крим на неговата земја за да може да си го врати своето место во групата највлијателни земји во светот – Г8.

На крајот од август почна и размената на затвореници меѓу Русија и Украина, што беше уште еден популарен потег за кој приврзаниците го пофалија дека го исполнил предизборното ветување за ослободување на притворените Украинци во Русија.

На 2 октомври украинската делегација на седница на Контакт-групата ја потпиша таканаречената „Формула на Штајнмаер“ со која се регулира механизмот за одобрување посебен статус на Донбас. Потпишувањето на формулата на Штајнмаер беше важен чекор кон решавање на конфликтот во Украина, но предизвика и масовни протести на кои илјадници луѓе го изразија својот став дека тоа претставува голема отстапка за Русија.

– Останува отворено дали договорите од Минск ќе бидат спроведени во реалност или се доволни поголем број договори, потоа начинот за воспоставување контрола над границата на источната зона на Украина, дали тоа значи вистинска самоуправа на одделни области во регионите Доњецк и Луганск. Ова и многу други прашања допрва треба да се решат, изјави по потпишувањето Богдан Безпалко, член на рускиот претседателски Совет за меѓуетнички односи.

Зеленски претходно потврди дека Украина ја усогласи формулата на Штајнмаер со другите учесници во преговорите за решавање на ситуацијата во Донбас, како и дека сега таа ќе биде додадена во новиот закон за специјален статус на регионот.

– Формулата на Штајнмаер мора да се имплементира во новиот закон за специјален статус. А законот прво треба да биде усвоен во Парламентот пред крајот на годината, рече тој.

Врховната рада на 18 декември соопшти дека Зеленски потпиша закон со кој се продолжува специјалниот статус на Доњецката и Луганската област до крајот на 2020 година.

Формулата на Штајнмаер, која ја претстави тогашниот германски министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, предвидува на Донбас да му се даде специјален статус, во согласност со договорот од Минск. Договорот од Минск од 2015 година предвидува Украина да ја врати целосната контрола над својата граница со Русија, но откако регионите со мнозинство руско население ќе добијат широка автономија и ќе одржат локални избори. Документот предвидува дека посебниот закон за локална самоуправа на Украина ќе влезе во сила во одредени области на регионите Доњецк и Луганск на денот на локалните избори, кој ќе стане траен откако Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) ќе ги објави конечните резултати.

Судирот меѓу проруските сепаратисти и украинските сили во Донбас трае пет години и во него досега загинаа повеќе од 13.000 луѓе.

На 10 октомври Володимир Зеленски го урна светскиот рекорд, откако одржа прес-конференција што траеше повеќе од 12 часа, најдолга во историјата, објави Украинската државна агенција за рекорди. На маса со Зеленски се менуваа стотина украински и странски новинари. Тој на медиумите им се довери дека добил инјекции за зајакнување на гласните жици во пресрет на маратонската конференција.

Претходниот рекорд го држеше белорускиот претседател Александар Лукашенко, чија прес-конференција траеше повеќе од седум часа, соопштија украинските медиуми.

Во Елисејската палата во Париз на 9 декември се одржа самитот на лидерите на Нормандиската четворка, која ја сочинуваат Русија, Франција, Германија и Украина, што беше првиот официјален настан на кој учествуваа украинскиот и рускиот лидер, кои одржаа и билатерален состанок за да дискутираат за ситуацијата во Крим и Донбас.

Рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски во Париз се договорија до крајот на годинава целосно да го спроведат сеопфатниот договор за прекин на огнот во источна Украина и да ги ослободат и разменат сите затвореници кои се поврзани со конфликтот.

Тие се договорија и до крајот на март 2020 година да ги распуштат воените сили во три области на Украина.

На прес-конференција по разговорите во Елисејската палата, Путин ја поздрави средбата на четворката, наведувајќи ја како важен чекор кон деескалација на конфликтот во Украина. Тој повика и на измени во украинскиот Устав со цел на Донбас да му се даде посебен статус.

Путин додаде дека е потребно да се дозволат повеќе премини за цивилите во источна Украина и да им се даде амнестија на луѓето вклучени во конфликтот.

Зеленски пред новинарите рече дека Украина нема да се согласи на територијални отстапки во замена за мир. Тој додаде дека неговата земја мора да има целосна контрола врз нејзините источни области и нема да направи компромис на тоа поле. Тој исто така рече дека проблемот со извозот на руски гас преку Украина е решен и дека ќе се работи на договор за ова прашање.

Русија и Украина сè уште не се согласуваат за конкретни прашања, како што е повлекувањето на проруските сили и изборите во областите на Украина што се под контрола на бунтовниците.

Неколку дена подоцна Путин рече дека во Донбас може да се случи втора Сребреница доколку Киев воспостави контрола врз границата со Русија, а пред тоа да не ја обезбеди заштитата на граѓаните на Донбас. Зеленски веднаш го отфрли таквото тврдење истакнувајќи дека во Донбас нема да се случи Сребреница, затоа што Украина е „поинаква земја што ги почитува своите граѓани“.

– Ние сме поинакви луѓе, слободни, демократски. Сфаќаме дека таму живеат Украинци. И ние ги почитуваме граѓаните на Украина…. Нема да има никаков масакр… Ние сме поинаква Влада. За нас е најбитен човечкиот живот. Затоа, не ги примам таквите заклучоци, истакна Зеленски.

И покрај сè, ситуацијата во украинско-руските односи е далеку од добра. Доказ за тоа е и тоа што Путин пред десетина дена лично го пушти во употреба железничкиот мост меѓу Русија и Крим. Украинското Министерство за надворешни работи изрази протест до Русија поради, како што наведе, „недоговорената посета на рускиот претседател Владимир Путин на Крим и отворањето за сообраќај на железничкиот дел од таканаречениот ’Кримски мост’“.

Украина смета дека Путин ја посетил времено окупираната Автономна Република Крим и за сообраќај отворил мост низ Керченскиот Теснец, кој, се додава во соопштението, руската страна го изградила без согласност на Украина, грубо кршејќи го меѓународното право, вклучувајќи ја и Конвенцијата на ОН за поморско право.

Украина наведе дека посетата на руски официјални претставници на Крим, изградбата на мост, како и која било друга акција, на никој начин не можат да го сменат статусот на Автономната Република Крим и градот Севатопољ, како составен дел на територијата на Украина, во нејзините меѓународно признати граници.

Ниту Украина, како и ниту една цивилизирана земја на светот, не ги признава обидите на Кремљ за легитимација на анексијата на дел од суверената територија на Украина, истакна официјален Киев.

Јасмина Тасевска/МИА