Скопје и Атина посветени на Договорот од Преспа, силна грчка поддршка и за евроинтеграцијата
Драматично подобрување на билатералните релации кои поминуваат преку Договорот од Преспа, но и напори за покривање на сите доцнења кои постојат за негово целосно имплементирање. Двете земји имаат заедничка иднина ако гледаат добронамерно на целиот процес.
Ова се оценките за односите меѓу двете земји, кои произлегоа од вчерашната прва официјална посета на министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во Скопје и средбата со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Никола Димитров.
На заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Никола Димитров, тој ја упати пораката дека Македонија има целосна и силна поддршка од Грција за отворање на пристапните преговори со ЕУ и оти Атина се залага за целосна имплементација на Договорот од Преспа и зајакнување на билатералната соработка.
– Радосен сум што сум тука во прва посета на соседна Македонија, која наскоро ќе стане партнер на Грција во НАТО и кандидат за ЕУ. Сигурен сум дека наскоро ќе ги почнете пристапните преговори. Ја имате целосната поддршка од Грција. Почнувањето на преговорите ќе биде значителен чекор и тоа за Грција е значајна цел. Го разбираме разочарувањето од одложувањето, но треба да се гледа напред. Важно е да се имлементираат европските вредности, а ние нудиме целосна соработка, рече Дендиас.
Според него, билатералната соработката и натаму се развива со фокус на економијата, воената соработка, инвестициите, инфраструктурата…
Министерот Димитров нагласи дека Македонија смета на грчката поддршка на патот кон ЕУ.
– Грција е наш стратегиски партнер, сосед и пријател. Преспанскиот договор отвори голем потенцијал за соработка што треба да се искористи, рече Димитров.
Посочи дека се очекува наскоро да се одржи првата седница на комисијата за трговски марки, како и состанок на експертите за отворање на новите гранични премини меѓу двете земји и на комисијата за историски прашања.
На новинарско прашање дали е можно оспорување на Договорот од Преспа во двете земји, Дендиас рече дека ставот на актуелната грчка Влада е дека тоа е завршена работа и треба целосно да се имплементира.
– Со мојата денешна посета со Димитров ја продлабочуваме и ја прошируваме соработката. Двете земји имаат заедничка корист. Треба да се погледне картата за да се сфати тоа. Имаме заедничка иднина и пат, ако гледаме добронамерно, додаде шефот на грчката дипломатија, оценувајќи ја како особено позитивна денешната негова посета.
И Димитров вели дека Договорот од Преспа е веќе дел од нашиот правен систем и мора да се почитува.
– Имплементацијата на Преспанскиот договор веќе тече без разлика на предвремените избори, но во согласност со самата содржина и текстот на договорот. Дали опозицијата има ист став е повеќе прашање за опозицијата, битно е да се знае дека договорот е дел од нашиот правен систем и важи правилото pacta sunt servanda – договорите мора да се почитуваат. Добра вест е што јас сум убеден дека прашањето е реторичко или хипотетичко бидејќи нема да победи опозицијата на следните предвремени избори, рече Димитров.
Според него, договорот создава повеќе правни обврски за нашата страна, но има прашања каде што двете страни имаат еднакви реципрочни обврски, меѓу нив е и прашањето за брендовите и трговските марки.
– Тука многу важно е во добра мера да имаме разбирање и почит за грижата на другата страна. Ако тоа успееме да го направиме, мислам дека и двете држави ќе бидеме големи, рече Димитров, запрашан за промовирање на брендот „Macedonia the GReat“ во Грција.
Дендиас кажа дека треба да се гледа добронамерно во интерес на заедничката иднина, независно од процедурите што треба да се спроведат.
Грчкиот министер за надворешни работи, кој престојуваше во еднодневна официјална посета на земјава, имаше средби и со претсдеателот Стево Пандаровски и со премиерот Зоран Заев.
На средбата со премиерот Заев во фокусот биле интензивирањето на економската соработка помеѓу двете земји и инвестициите, и за поддршката што нашата земја континуирано ја добива од Република Грција на патот на евроатлантските интеграции, на што премиерот искажал благодарност.
Тој се осврнал на потребата за зголемување на економската размена, но и подобрување и отворање нови инфраструктурни канали што треба да ја поддржат бизнис-заедницата.
– Кога бизнисот се развива, граѓаните во нашите две држави ќе имаат и подобар животен стандард, подвлекол премиерот Заев.
Претседателот Пендаровски на средбата со грчкиот министер за надворешни работи истакнал дека Македонија е силно посветена на развој на партнерството со Грција, базирано на пријателство и заеднички интерес на граѓаните на двете држави за просперитетен регион. Во тој контекст, нагласил, Преспанскиот договор е чекор што ја демонстрира посветеноста за развој на добрососедски односи и соработка.
Во очекување на новата методологија за водење на пристапните преговори, Македонија е фокусирана кон интензивирање на реформскиот процес, со цел што поскоро отворање на пристапните преговори за членство со ЕУ, истакнал претседателот Пендаровски.
Во Атина постои документ за следење на имплементацијата, а има и амбасадор кој е одговорен за следење на Акцискиот план за имплементација на Договорот.
Ново на Сител
-
Новиот премиер Мохамед ал Башир им вети на Сиријците стабилност и спокојство
-
Русија: Го префрливме Асад на најбезбеден начин
-
Уставен суд ќе ја почнe расправата за Законот за јазиците
-
Намалена видливост поради магла на планиските премини Ѓавато и Страцин
-
Променливо облачно, претпладне со магла по котлините
-
Лишени од слобода разбојници од Арачиново
-
„Воздух, здравје и ништо помалку“: Граѓаните маршираа за чист воздух
-
Преку безбедносни служби до вечна власт | Павле Трајанов | Неформално | Sitel Podcast 074