Македонија
5. May 2021 - 14:35

Николовски: Во законскиот рок 90 проценти од правните лица го пријавиле вистинскиот сопственик

Во рамки на законскиот рок, во кој постоечките правни лица имаа обврска во Регистарот на вистински сопственици да го пријават својот вистински сопственик, својата обврска навремено ја завршиле 69.284 субјекти, односно близу 90 проценти од субјектите кои се обврзани да поднесуваат пријави.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски. Тој рече дека минатата недела заврши законскиот рок од три месеци во кој требаше правните лица да го пријават физичкото лице кое директно или индиректно остварува управувачка или контролна улога во еден правeн субјект.

-Зголемувањето на транспарентноста како суштински процес на демократските општества е базичен стремеж на оваа Влада и токму затоа податоците од Регистарот на вистински сопственици, од 28 април, се веќе јавно достапни преку системите за издавање информации од Централниот регистар, истакна Николовски и додаде дека сега секој може на едноставен начин, да добие информација за тоа кои се вистинските сопственици на некој правен субјект, но и да провери дали и каде сѐ, некое конкретно лице се јавува како вистински сопственик.

Вицепремиерот нагласи дека во следниот период институциите треба да вршат контрола на точноста и ажурноста на овие  податоци, а постоечките правни лица ќе треба континуирано да ја пријавуваат секоја промена во сопственичката структура во рок од осум дена од нејзиното настанување.

Овој Регистар, според Николовски, ќе биде и од помош за спроведувањето на Законот за потекло на имот, за кој веќе е подготвена физибилити студијата и формираната Работна група која работи на подготовка на новото законско решение.

– Со Државната комисија за спречување на корупција констатиравме дека може да води постапки само за актуелните функционери и не често се можните злоупотреби се кои се прават во делот на префрлување на имотот на други лица или враќање на имотот на свое име по завршувањето на функцијата и тука ДКСК нема широки можности и надлежности. Затоа овој закон ќе ги опфати сите за да се елиминираат можните злоупотреби да нема недопирливи и да не може некој да се богати на сметка на граѓаните, истакна Николовски.

Борбата против корупцијата и криминалот, потенцира Николовски, е меѓу највисоките владини приоритети во рамката „Акција 21-европски стандарди дома“, втор по ред приоритет за оваа 2021 година.