Македонија
22. October 2019 - 16:45

Николоски и Спасовски негираат дека ќе седнат во премиерска фотеља, Милошоски нема коментар за шеф на МВР

Ниту потврда ниту демант од министерот за внатрешни работи дека ќе ја наследи премиерската фотеља на Заев во техничката Влада по Нова Година.

Покрај Спасовски, во медиумите се вртеше и името на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски но и тој денеска како и премиерот Заев во изјава за медиумите вели дека тоа се шпекулации и дека оваа одлука на дневен ред на Бихаќка ќе дојде во декември.

Сепак, партиски извори брифираат дека токму овие две имиња се најсериозни кандидати за наследник на Заев, а меѓу нив, Спасовски има предност, особено ако се знае дека неговото министерство за внатрешни работи во техничката Влада ќе го води кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Таму пак, опозицијата според неофицијални информации го подготвува Антонио Милошоски. Сител го контактираше екс шефот на дипломатијата а тој само кратко одговори дека нема никаков коментар.

Во меѓувреме течат партиските групирања. Премиерот очекува неговата коалиција да се зголеми. Вели не знае дали некој од неговите сателити ќе смени страна.

Опозицијата пак вчера реши да го смени името на долгогодишната коалиција па сега ќе настапуваат под името „За обнова на Македонија“. Во своето деби како лидер на парламентарни избори, Мицкоски најавува можност за коалиција и со албански политички партии.

Последните анкети покажуваат благо водство на опозицијата. Изборите се закажани за 12 април, а техничката влада ќе почне да функционира од 3 јануари.