Македонија
14. јуни 2021 - 17:33

Невремето кое ја зафати Преспа предизвика огромни штети на овошните насади

Пороен дожд, ветер и град петокот попладне ја погоди Преспа, а овоштарите велат дека градот предизвика огромни штети на овошните насади. Бараат помош од Владата.

-Уништени се скоро 90, може и 100% од овошките, ќе чекаме помош од Владата ако може да ни одобри, рече Дејан Николовски, овоштар од Ресен.

-Ако не ни даде министерството помош, ние сме готови. Едноставно на респиратор сме, рече Борче Танасовски, овоштар од Ресен.

-Во тој момент имавме од две страни градоносни облаци, авионите беа на терен, но во моментот кога се појави трет облак, авионите не можеа да интервенираат и да стигнат во исто време на 3 локации, тоа беше мат ситуација за авионската заштита со засејување на облаците. Во исто време исто таква заштита имаа во Грција, исто така имаше обилни врнежи од град, ние не сме координирани едни со други, си ги бркаме облаците едни спроти други, Љубе Пампулевски, претседател на Здружение на овоштари во Преспа.

Веднаш после невремето, Општина Ресен излезе на терен, а изминатите денови голем број земјоделци се обратиле до нив за помош. Денес ќе биде објавен јавен повик за пријавување на штетите, а во најкус можен рок ќе се формира општинска комисија која ќе направи проценка на шетите, вели градоначалникот.

-Јавниот повик ќе трае 10 работни дена, после тоа комисиите општински ќе излезат на терен, ќе направат увид по што следи правење елаборати и извештаи кои ќе се пратат до Државната комисија за штети. По мои првични проценки околу 40% од териоријата на Општина Ресен, овошните насади се зафатени со оваа временска непогода, но тоа точно ќе го дефинираме со излегувањето на општинските комисии, изјави Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен.

Гошаревски истакна дека ги известиле и владините инстуитуции со цел да им се помогне на овоштарите.