Македонија
13. December 2019 - 16:57

Нема резултати од борбата против корупцијата - сепак, Македонија најдобро стои во регионот

Корупцијата во Македонија прави лошо образование, лошо здравство, загаден воздух поради увозот на отпад, лошо судство, Собрание кое се грижи само за интересите на партиите, лоша и партиски контролирана е и економијата. Претседателката на Транспаренси Интернешнл, Тасева вели дека резултати од борбата против корупцијата нема.

- На граѓаните се повеќе им пречат самоволијата на судиите кои немаат одлуки без образложение и докази, на судството кое таквите одлуки ги допушта и со тоа се создаваат многу неправди, а во глобални рамки се и понатаму се губат вредностите на кои треба да се засновува едно општество, вели Тасева.

Според претседателот Пендаровски, секојдневно имаме судски случаи кои влеваат сомнеж дека правдата не е еднаква за сите. Вели дека довербата на граѓаните во судството постојано паѓа. Во однос на случајот „Рекет“ – не очекувал оти носители на толку важни случаи ќе потфрлат. Вели дека не смее да се прави скриена амнестија преку застарување на делата.

Од американската амбасада во Скопје велат дека реформите во борбата против корупцијата мора да бидат приоритет. Подобрена е состојбата во медиумите и транспарентноста во трошењето на јавните пари.

- Оваа борба мора да биде партнерство и сите страни треба да влезат во играта. Заедно Владата, опозицијата, граѓанските здруженија, приватниот и јавниот сектор, сите елементи на вашето општество треба да се борат со предизвикот. Нашите очекувања се дека прогресот во борбата против корупцијата во сите сегменти ќе остане приоритет, вели Џенифер Р. Литлџон од Амбасадата на САД.

Од делегацијата на ЕУ велат дека реформите за борба против корупцијата не се исти како техничките реформи.

- Тие се дел од процес што бара издржливост и промена на менталитетот. Поддршката од ЕУ во регионот останува силна и се надеваме дека институциите ќе донесат позитивни резултати од кои бенефит ќе имаат граѓаните, Фрик Јанмаат од Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Од друга страна, пак, станските експерти велат дека Македонија најмногу напреднала во регионот по ова прашање.

- Многу ми е мило да споделам позитивни вести за Република Македонија за прогресот што го направи, бидејќи таа е една од ретките земји што има направено прогрес на ова поле во 2019 во споредба со 2016 година. Меѓутоа, четири од шесте други држави сепак се уназадени на ова поле во споредба со резултатите од 2016 година, вели Руслан Стефанов од Центарот за истражување на демократијата.

Во Скопје денеска се одржа Регионален форум за одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата.