Македонија
24. November 2020 - 16:34

Нема отстапки од позициите на партиите за он-лајн гласање

Само пратениците кои се во изолација поради корона вирус ќе имаат право да го користат онлајн вклучувањето и гласањето на пленарните седници, тврдат од владејачката СДСМ и покрај тоа во измените што ги предложи собранискиот спикер Талат Џафери корона или КОВИД воопшто не се споменува.

Имено, во овие измени што на седница се веќе во четврток стои дека пратеник може да пријави дека ќе работи онлајн доколку со своето присуство го загрозува здравјето на другите пратеници, за што треба да има потврда од надлежен орган дека не може лично да дојде на рбаота во парламентот.

Координаторот на СДСМ вели дека предлогот на Џафери е добар. Митревски потврди дека нема консултации со опозицијата за деловничките измени бидејќи биле познати од порано, но ја повика да даде поддршка за нив.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека далечинското работење на парламентот е само поради тесното мнозинство на власта и дека недозволиво е Деловник да се менува без политички консензус.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ сепак не откри дали неговата пратеничка група ќе присуствува на седница во четврток, но Мицевски најави поведување на постапка пред Уставниот суд доколку овие измени на Деловникот бидат донесени.

Собранискиот спикер пак, вели дека било разговарано за ваков начин на работа на Собранието кој е неопходен поради панедемијата.

„Повикот до пратениците од опозицијата е да останат вклучени во работата на Собранието. Навреме се соопштени сите идеи. Три месеци зборуваме за тоа. Собранието нема целосно да работи онлајн. Тоа не е идејата“, вели Џафери за МИА.

За тоа зошто во измените нема изречно наведено дека само поради корона ќе може пратеник да работи онлајн, вели дека прифаќа сугестии.

За измени на Деловникот потребни се 61 глас што власта сама би ги обезбедила доколку нема пратеници од мнозинството кои се во изолација. Џафери потврдува дека четворицата пратеници кои сега се во изолација до четврток ќе се вратат, но до конечното донесување на измени на Деловникот има време бидејки следува и амандманска расправа.