Македонија
1. December 2020 - 16:36

Нема изгледи за договор за онлајн гласање

Огромниот број амандмани на предлогот за онлајн вклучување на пратениците ги скара власта и опозицијатa. Едните тврдат дека три илјадитите амандмани се обид за блокада, а другите сметаат дека со предложените измени на деловниот се крши Уставот, а е во спротивност и со Жан Моне процесот кој предвидува единство при менување на собранискиот деловник.

Во ВМРО-ДПМНЕ во потегот на власта гледаат обид за спас на како што велат тенкото мнозинство во Собранието.

„За протуркување на одредени законски решенија кои немаат допирна точка со проблемите кои ги има во државата поврзани со ковид кризата односно законите од здравството и економијата еединстверната причина поради која се бара да ова нефункционално мнозинство од 62 пратеници од кои што дел од нив иако здрави ретко ги гледаме во Собранието е причина да побараат можност  која ќе им даде можност за да го имаат постојано тоа мнозинство на располагање“, вели Никола Мицевски, Координатор на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Левица која поднесе 1.400 амндмани тврдат дека власта лаже кога вели дека онлајн собрание се бара единствено заради пандемијата.

„Во измените не стои дека е само Ковид, туку стои „опасност по здравјето“, и толку, таа е формулацијата. Тоа значи дека матичен лекар може да му издаде потврда на некој пратеник и тој од дома од спалната соба да си гласа“, вели Димитар Апасиев, Претседател на Левица.

Пратеничката група на власта вели дека поднесените амндмани се нелогични и сметаат дека со нив опозицијата го блокира донесувањето закони за финансиска помош на граѓаните и стопанството.

„Можеби нив 6.000 денари не им значат ништо, но во овие тешки времиња на граѓаните им значат многу. Тоа е срамно и неодговорно однесување, тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш става сопки и дејствува на штета на државата и институциите. Затоа е обидот да се спречи донесување на измените на Деловникот со голем број нелогични амандмани“, Вели Јован Митревски, Координатор на пратеничка група на СДСМ.

Амандманите на опозицијата за онлајн собрание пред комисијата за мандатно-имунитетни прашања ќе се најдат по нивното архивирање и превод на албански, процес кој се очекува да трае околу една недела.