Македонија
22. April 2021 - 21:28

Неказнивоста и спорите реакции ги храбрат насилниците

Социјалните служби, но и училиштата мора да дејствуваат бргу и соодветно за да се спречи врсничко насилство. Случајот со 12-годишното девојче од Велес, која за два дена физички нападна две свои врснички, ги крена на нозе и невладините организации. Од Коалицијата Маргини вината не ја гледаат само кај родителите и сметаат дека се неопходни реформи со кои ќе се даде поголемо значење на воспитниот, не само на образовниот процес во училиштата. Училиштата, велат, имаат обврска да реагираат без разлика дали насилството се случило во или надвор од училиштето.

Правниците велат дека законот предвидува неколку воспитни мерки за малолетниците кои сториле вакви прекршоци и сметаат дека Центарот за социјални работи има многу важна улога.

На снимката која беше објавена во јавност се гледа како 12 годишно девојче физички напаѓа своја врсничка која моли за помош, а тоа го гледаат други девојчиња, кои наместо да помогнат го снимаат инцидентот. Насилничката наредниот ден го повторила делото. Нејзиниот идентитет е познат на полицијата и родителот заработи пријава за негрижа на дете.

Освен овој, деновиве јавноста е сведок на уште неколку други случаи на физичко и полово насилство врз малолетнички во повеќе градови низ земјава.