Македонија
13. јуни 2021 - 17:04

Навивачите го живеат сонот

Даниел Јошески, Димче Христоски, Рубин Петрески, Васил Тодороски и Александар Илиески или дел од групата „Ла Фамилија“ синоќа заминаа за Романија и се едни од 40-тината прилепчани кои денес на стадионот во Букурешт ќе навиваат за Македонија. Членови се на навивачката група Мајмуни од деца, велат дека конечно им се остварил сонот да ја видат Македонија на Европско. Досега скоро и да немаат пропуштено натпревар на кој играла Македонија.

„Сега чувството не се опишува со зборови, последните денови не сме ниту спијани, одиме секаде за Македонија“, вели Даниел Јошески, навивач од Прилеп.

„Долг сон за нас лично како генерација, како навивачи, го дочекавме и овој момент да ја бодриме Македонија на едно големо натпреварување. Очекувањата се големи, им држиме среќа, затоа и одиме, секаде и секогаш само за Македонија“, додаде Васил Тодороски, навивач од Прилеп.

Господ да одиме и на Светско“, истакна Рубин Петрески, навивач од Прилеп.

„Ова е наш сон од детство, ова не се опишува, одиме како Македонци и одиме да ги гледаме дечките да уживаме во фудбалот“, рече Александар Илиески, навивач од Прилеп.

„Ние лично сме група која организирано одиме на сите гостувања и на сите утакмици кои ги игра македонската репрезентација, дали тие се во Македонија или надвор, дали пријателски, дали од натпреварувачки карактер, секакви“, вели Димче Христоски, навивач од Прилеп.

Убедени се дека ќе обезбедиме пласман и во следните фази на првенството.

„Ние играме добар фудбал, нема од кого да се плашиме тие нека се плашат, тие не не знаат нас. Ние сега одиме да ги изненадиме сите“, додаде Даниел Јошески, навивач од Прилеп.

„Најбитна е првата утакмица и најтешка. Со Господ напред ако извадиме или нерешено или победа сигурно одиме втор круг“, вели Димче Христоски, навивач од Прилеп.

Ќе останат во Романија за двата натпревари и за Австрија и за Украина, но се надеваат дека ќе заминат и за Холандија доколку се дозволи таму слободен влез на македонски граѓани кој сега е забранет поради пандемијата.

„За Холандија сега за сега има забрана со короната, ако дозволат одиме во Амстердам“, вели Рубин Петрески, навивач од Прилеп.

 

Велат, секогаш и секаде за Македонија!

 

„И кога ниедна навивачка група не веруваше во овие дечки ние застанувавме стално зад нив ии секогаш ќе застанеме“, потенцира Александар Илиески, навивач од Прилеп.