Македонија
16. November 2019 - 19:39

Настани од културата има, но во Струмица нема публика

Во Струмица скоро секојдневно има по некој настан од областа на културата. Бројот на настаните кои се организираат е голем, но ретко кој од нив може да се пофали со голема посетеност.

Истражувањето на здружението за култура и уметност Сцена покажало дека општината  дава поддршка на културата и уметноста во регионот за што на годишно ниво во просек се издвојуваат околу 14 милиони денари.

Главниот проблем е слабата посетеност од страна на граѓаните. Според актерот Бранко Бенинов кој е дел од здружението Сцена за да се врати публиката на настаните од културата и уметноста прво треба да се иницираат културни навики кај нив.

-Во мојата младост правевме по три детски претстави , од таму ги  црпевме тие културни политики или тие навики кај децата и потоа имавме публика. Но, во последно време ми се чини дека има безброј настани, но тие настани не се доволно проследени. Последниот, значи консуматорот на културата е затаен, го нема.,, вели Бранко Бенинов, актер.

Актерката Оливера Аризанова смета дека младата публика многу добро знае што е тоа квалитет, а што не. Според неа она што недостасува е младинската сцена.

- Јас почнав или „се заразив“ со театар или театарска уметност со учество во младинската сцена која беше отворена многу одамна во домот на културата. Таа младинска сцена не постои повеќе. Ние со години се трудиме и апелираме до надлежните, вратите малку да ги подотвориме за младите луѓе. Така влегов јас, така влегоа моите колеги, вели Оливера Аризанова мансбарт.

Анкетирањето кое го спровеле од здружението Сцена покажало дела многу мал дел од младите ги познаваат или пак ги разликуваат основните поими како на пример што е забава, а што култура. Од сцена сметаат дека   ваквата состојба ќе може да се промени  поголема комуникација, но  и повеќе едукација, пред се во училиштата. Во таа насока ќе бидат и серијата јавни дебати кои се планирани во наредните неколку месеци.