Бизнис
3. October 2022 - 10:59

Народна банка: Утре почнува 14. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура

Народната банка на Република Северна Македонија и Централната банка на Холандија по четиринаесетти пат ја организираат Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура, со што продолжува традицијата за отворена и плодна дискусија за предизвиците и можностите коишто ги носи глобалниот бран на дигитализацијата за финансиските услуги. Како што информираат од Народната банка, годинава, 14. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура на тема: „Просперитетна иднина на дигиталните плаќања“, ќе се одржи во виртуелен формат утре и задутре.  

-Новите технологии за плаќањата предводени од финтек-компаниите, коишто нудат широк опсег на платежни производи и услуги, ќе бидат главните теми на  меѓународната конференција, на која носителите на политиките и експертите ќе ги споделат мислењата за потребата од  отвореност на системите на банките и засилената автентикација на клиентите, како и за важноста на безбедноста на дигиталниот простор. На овој меѓународен настан којшто започнува утре ќе ѝ се посвети внимание и на потребата и очекуваните придобивки од воведувањето на дигиталните валути на централните банки, се вели во соопштението од Народната банка. 

Воведно обраќање на Конференцијата ќе имаат гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на Народната банка на Србија Јоргованка Табаковиќ и директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, a ќе учествуваат претставници на Европската централна банка и централните банки на земјите од Европската Унија, централните банки на земјите од регионот, Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Банката за меѓународни порамнувања, амбасадите во Република Северна Македонија, домашните регулатори, домашниот банкарски сектор, како и домашните и странските небанкарски институции коишто се засегнати страни во доменот на платежните услуги.

Како што информираат од Народната банка, конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура низ годините прерасна во платформа за размена на знаења и искуства за актуелни теми од областа на плаќањата и промовирањето нови идеи. Народната банка на Република Северна Македонија презема бројни активности за поддршка на модернизација на постојната платежна инфраструктура преку примена на нови алатки на технолошкиот развој, при што посветува особено внимание на следењето на новитетите и на поттикнувањето на развојот на платежните услуги кај нас.