Македонија
8. August 2022 - 16:35

Најголем дел од ковид позитивните се граѓани кои се вратиле од годишен одмор

Иако има широка распространетост на корона вирусот, сепак нема опасност за полнење на болниците, смета епидемиологот Сашко Олумчев. Според него овој бран веќе почнува да стивнува, а дури 80 проценти од заразените во помалите места се повратници од летни одмори.

-Ќе биде тоа до крајот на месецот, бидејќи најголемиот дел од пациентите се повратниците од годишни одмори и млади и на средни години и после 1-2 недели се заразуваат и нивните семејства и се е во кругот на семејството и сметам поголемиот дел поминуваат со лесни симптоми, изјави д-р Сашко Олумчев, епидемиолог.

Според доктор Олумчев големиот број заразени периодов со лесни симптоми помага во создавањето на колективен имунитет кој ќе биде од корист на есен и зимата бидејќи немаме доволен опфат на вакцинација.

-Очекуваме кон крајот на годината да стивне ситуацијата, но секогаш ќе бидеме со резерва бидејќи короната се покажа како мудар вирус, вели д-р Олумчев.

Инаку во моментот во земјава официјално има околу 4000 активни случаи со Ковид, а на болничко лекување се 160 пациенти.