Балкан
29. March 2021 - 16:36

Над 20.000 странци викендов се вакцинирале во Србија, Вучиќ најавува дополнителна помош

Повеќе од 22 илјади странски држјани викендов се вакцинираа во Србија. Најголем дел од нив се од Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. 

Според податоците од МВР, викендов граничниот премин Табановце го поминале околу 10.000 македонски граѓани.

Тамошните здравствени власти велат дека имунизацијата на странците воопшто не го попречило вакцинирањето на Србите, со оглед на тоа што во истиот период имунизирани се повеќе од 28.000 граѓани на Србија. 

Северниот сосед досега вакцинираше повеќе од 2 милиони и 300 граѓани, а речиси еден милион ја примиле и втората доза. 

Претседателот Вучиќ вели дека за Србија да биде успешна и регионот мора да биде безбеден. Ние не сме пуст остров, не живееме сами на светот, рече Вучиќ.

-Ние сега бараме начини како дополнително да им помогнеме на Северна Македонија и на Црна Гора. Немам јас проблем со тоа, ниту ме иунтересира благодарност од колегите или од некој друг. Важно е луѓето да се задоволни и што делумно се заштитија. Кога ќе ја добијат и втората доза ќе бидат многу подобро заштитени од тешки последици и од смрт, рече Вучиќ.

Во недостаток на вакцини во земјава македонските граѓани викендов масовно одеа во Белград, Ниш и Врање за да ја примат првата доза на АстраЗенека. Организирана имунизација имаше и Стопанската комора.