Македонија
29. јуни 2016 - 14:27

На „Битола Шекспир фестивал“ промовирана книга „Паноптикум Шекспир“ во 3Д технологија

Професионалци од Куклен Театар-Бјалисток, Полска денес во рамки на „Битола Шекспир фестивал“ одржаа работилница под наслов „Печат на твојата идеја“ и ја промовираа книгата „Паноптикум Шекспир“ подготвена во 3Д технологија.

Според Луција Грезецчик и Изабела Марија Вилжевска изработката на кукли за театарските претстави во Бјалисток е со голема традиција и се темели на високото образование кое се стекнува на тамошната Академија за куклен театар.

- Нашата цел е да ги разбиеме стереотипите за разбирањето на детскиот театар, а куклите и книгите изработени во 3Д технологија тоа мошне ефикасно го овозможуваат. Театарот во Бјалисток со својот потенцијал во текот на годината има посебен репертоар со куклени претстави и тоа публиката го сака. Важно е да се знае дека куклите се појавуваат и во претставите за возрасни како што тоа беше на синоќешната претстава „Монтеки и Капулети“, а така ќе биде и вечер за време на претставата „Хроника на принцот Х.“ на која преку кукла ќе биде прикажана главата на Јорик, познатата глава од Принцот Хамлет, истакна Грезецчик.

Првиот дел на „Битола Шекспир фестивал“ завршува на 1 јули, а официјално ќе биде затворен на 25 јули кога во Битола ќе гостува Истанбулскиот градски театар со претставата „Дванаесетта ноќ“.

- Неизвесноста и љубопитноста на публиката ќе продолжат, а и добро е што е така бидејќи претставите се следат со максимален број посетители. Гостувањето на актерите од Турција е заради услугласување на календарот на настапи на тој театар и исполнување на нивната голема желба да гостуваат на „Битола Шекспир фестивал“, посочи уметничкиот директор на фестивалот, Благој Мицевски.