Македонија
11. August 2020 - 16:57

На 15 дена до почетокот на учебната година никој не знае како ќе се одвива наставата

Одлука нема ниту денес – Како ќе стартува учебната година и дали учениците ќе седат во клупа или ќе учат од дома. Иако најавен, утрово претставници од Министерството за образование не се појавија на Комисија за заразни болести за да дефинираат во какви услови кои здравствени протоколи се неопходни за заштита на децата. Состанокот е пролонгиран за утрешниот ден а модалитетите за учење се разгледуваа и на владина седница – Физичко присуство во училница, он лајн настава или комбинирано. Дел од членовите на Комисијата велат дека моменталната епидемиолошка систуација во нашата земја е голем ризик за целосна настава во училиштата, но ги чекаат од образование со конкретните предлози.

И додека на три недели пред стартот надлежните се уште тактизираат, граѓани на социјалните мрежи веќе реагираат дека топката се префрла кај училиштата а тие пак на семејствата и веќе почнале да закажуваат состаноци на Совет на родители.

За разлика од кај нас, во соседна Србија веќе одлучиле дека наставата ќе биде со скратени часови, по 15 деца најмногу во училница, физичко присуство за најмладите, а комбинирана настава за поголемите.

Во Шведска училиштата воопшто не беа затворени, а успешен се покажа и данскиот модел. Но во други земји, пак, овие искуства се покажаа поразителни со враќање на децата во училишните клупи кога се зголеми бројот на заразени ученици со Ковид 19.

Народниот правобранител побара при изборот на модел да бидат земени во предвид и децата со попреченост.