Македонија
6. July 2020 - 17:04

Можни рестрикции на границите со Косово и Србија, Филипче песимист за есенското сценарио

Деновиве здравствените власти ќе одлучат дали ќе бараат ПСР тестови и изолација од 14 дена за влез во Македонија од Србија и Косово, изјави Филипче. Ова следува по зголемениот број на новозаразени со Ковид-19 во регионот.

Апсолутно е можно овие денови да препорачаме некои мерки доколку утврдиме дека ризикот од влез на граѓани  на овие околни земји може да го загрози нашиот систем. Денеска ја продолжуваме дискусијата, најверојатно и во текот на утрешниот ден. За време на викендот немаше некоја индикација за некоја голема опасност но пак ќе кажам чекаме информации од повеќе градови и од Косово и од Србија, изјави министерот за здравство д-р Венко Филипче.

И додека Македонија тешко се справува со пандемијата Филипче најавува дека уште полошо ќе биде на есен кога заразата според претпоставките посилно и побрзо ќе се шири. 

-На есен посилно ќе се шири вирусот. Луѓето нема да бидат надвор, туку во затворени простории. Работиме на подготовка на капацитети за есенскиот период, рече Филипче.

Деновиве пак, освен премореност на медицинскиот персонал се јавува и недостиг на лекари во борбата со коронавирусот. Од ГОБ 8 септември која е најоптеретената здравствена установа си заминуваат двајца анестезиолози, кадар кој е неопходен во третманот на најтешко болните. Тие одат во приватниот сектор од каде пак други двајца дошле во болницата. На помош од среда доаѓаат и вработени од КАРИЛ.

-Се договоривме од среда двајца анестезиолози од КАРИЛ да бидат испратени на неколку недели во ГОБ 8 септември, изјави д-р Маја Мојсова директор на КАРИЛ.

Инаку пред да се одржат изборите Филипче најави дека јавноста за начинот на гласањето ќе биде информирана и преку симулација како безбедно да се оствари граѓанското право. Во меѓувреме околу 5000 луѓе кои се во изолација или на домашно лекување треба да се пријават во ДИК доколку сакаат да гласаат во понеделник дома.