Македонија
23. September 2021 - 16:42

МОН уверува дека состојбата во училиштата е стабилна

Од вкупно 240.000 ученици во цела држава, бројот на новозаразени ученици на дневно ниво се движи од 0.01 до 0,03% на дневно ниво, рече денеска во Битола министерката за образование, Мила Царовска.

„Министерството за образование и наука на дневно ниво ги собира податоците по однос на издадени решенија се надлежни здравствените власти, она што јас какао министерка го комуницирам е дека на дневно ниво процентот на позитивни нови случаи на ниво на држава се движи помеѓу 0,01 до 0,03% зависно од денот. Во вчерашниот ден имаме нови 0,02 %, а вкупниот број на позитивни од почетокот до денеска не изнесува повеќе од 0,3%. Ние известуваме на национално ниво“, рече Мила Царовска, министерка за образование.

Царовска истакна дека образовниот систем е подготвен и за останатите резервни сценарија, доколку се појави потреба од нивна примена. 

„Согласно новата концепција дигиталните учебници се ставени во функција за четврто одделение. Општината Битола до своите директори достави барање за дел од таблетите од Министерството за образование, а дел од таблетите се обезбедени од буџетски средства од општината и истите тие се ставени на располагање во општината. При промена на моделот сите ресурси ќе бидат ставени на располагање, оние кои што ги има министерството и општините да не заборавиме дека минатата година во текот на целата учебна година најголем дел од училиштата беа со он лајн учење, само од прво до трето беа со физичко присуство, но и таму имаше ученици со он лајн учење, што значи системот е поготвен за секој тип на сценарио кое што ќе ни следува“, рече Царовска.

Според министерството за образование, согласно последниот извештај на Комисијата за заразни болести, состојбата со Ковид 19 во училиштата во државата моментално е стабилна и нема потреба од промена на моделот бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата.

Исто така, вакциниран е над 72% од наставниот кадар.