Македонија
15. December 2017 - 16:42

Могерини ги повика премиерите од Западен Балкан на нова средба во Брисел

Шефицата на дипломатијата на Европската Унија, Федерика Могерини во трет пат оваа година ги покани премиерите на земјите од Западен Балкан на состанок во Брисел.
 
Неформалната средба ќе се одржи во понеделник, а темата на која ќе разговараат, како што објави нејзиниот кабинет е актуелните настани во регионот и изгледите за 2018, година кога на европските партнери во регионот ќе им биде понудена единствена можност да напредуваат на патот на интеграција во Унијата.
 
,,ЕУ е посветена на зајакнување на ангажманот на ЕУ со регионот и осигурување дека сите земји од Западен Балкан ги преземат неопходните чекори за нивното напредување кон Унијата да стане неповратно‘‘, се вели во соопштението.
 
Средбата на Могерини со премиерите на земјите од регионот, меѓу нив и премиерот Заев, доаѓа во пресрет на објавувањето на стратегијата за Западниот Балкан на Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, што треба да се обелодени во февруари и е прв таков документ, по консенсуалната одлука на самиот на Унијата во Солун во 2003, со која Европската Унија се обврза да ги прими во европското семејство сите земји од регионот.
 
И според евроамбасадорот Самуел Жбогра временската рамка што ја објави Јункер како претходница на стратегијата е многу важен сигнал.
 
Во меѓувреме продолжува и дипломатската офанзива на другите членови на Европската Комисија. По обновената рунда разговори за името, комесарот за проширување Јоханес Хан денеска во Атикна се сретна со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас со цел утврдување на идните чекори за интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија.