Македонија
17. May 2022 - 12:19

Многу мал дел од граѓаните поднесуваат барања за пристап до информации од јавен карактер

Многу мал дел од граѓаните поднесуваат барања за пристап до информации од јавен карактер, а тоа е само уште доказ дека тие не се дооволни запознати со своите права. Најголем корисник на правото за слободен пристап до информации се НВО, а помалку граѓаните и медиумите. Најголем проблем има на локално ниво, во општините, каде според граѓанскиот сектор на овие институци им треба подобро запознавање со овој процес. Според законот овие информации институциите треба да ги дадат најдоца во рок од 20 дена.

„Значи ние сме поднесувале во Општината, до Центар за социјална работа до Јавните здравствени установи и генерално никогаш не сме добиле информација од прва за она што сме го побарале. Или треба дополнително да објасниме кој податок ни е потребен или рокот се преминува, па потоа со жалба до Агенцијата им е наложено да да ги дадат информациите. Граѓаните се жалат на недостапност на информации пред се поврзани со трошењето на јавните пари, до тие информации секогаш потешко се доаѓа, па има секогаш испрашувања кој ги бара, зошто ги бара, па звонење по телефони на локално ниво, иако тоа е законска обврска на имателите на овие информации“, вели Весна Шапкоски, здружение СТАНИЦА П.Е.Т.

И од НВО секторот и од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер апелираат граѓаните почесто да го користат ова свое право за да дознаат тоа што ги интересира, а државните институции се должни да им го дадат тие информации.

„Тие информации треба сите да запамтиме дека се наши, на граѓаните, граѓаните се сопственици на јавните информации, а институциите само ги поседуваат. И тие не треба да ги даваат, туку треба да ни ги стават на располагање и затоа се вели пристап до информации од јавен карактер“, кажа Герман Филков, Центар за граѓански комуникации.

Доколку службените лица не го достават потребниот одговор до граѓаните, според законот им следува парична казна.

„Само за пример минатата година спроведовме 342 прекршочни постапки за службените лица на имателите на информациите, кои не ги доставуваат и го ограничуваат правото за информации од јавен карактер. Казните се 250 евра за службените лица, како физички лица, само во еден случај се одговорните лица, а тоа е доколку не назначат службено лице, тогаш казната за нив е 500 евра“, додаде Пламенка Бојчева, Директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Вакви работилници за запознавање на граѓаните со правото на пристап до информации од јавен карактер ќе се организираат во повеќе градови.