Балкан
18. February 2020 - 14:01

Мирни и масовни протести во Атина на 24-часовниот штрајк

Мирно и масовно, со слогани и плакати против новиот закон на владата за социјално осигурување, граѓани и членови на синдикатите учествуваа на протестите одржани во центарот на Атина во рамките на денешниот 24-часовен штрајк.

Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) и Синдикатот на комунистичата партија на Грција (ПАМЕ), организаторите на штрајкот, одржаа одвоени протести, а одѕивот од граѓаните беше масовен – вработени, невработени, студенти, пензионери, заедно маршираа по улиците во грчката престолнина, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако грчката Влада тврди дека новиот закон е подобар од претходниот, донесен од СИРИЗА, сепак, учесниците во протестот за МИА велат дека е продолжение на меморандумската политика.

Димитрис Полихрониадис е наставник во основно училиште и вели дека едно од нивните барања е да се вратат 13-та и 14-та плата и 13-та и 14-та пензија.

-Бараме да се укинат, да се повлечат, сите закони за социјално осигурување од 2010 до сега. Треба да се повлече и новиот закон кој всушност ги потврдува претходните закони што се на товар на вработените. Бараме пензионирање со 30 години работен стаж, да нема нови кратења и да се вратат 13-та и 14-та пензија и 13-та и 14-та плата, вели наставникот, кој воедно е и член на Федерацијата на наставници.

 

Мирто Папатанасиу е вработена во државна болница, а во разговор со дописничата на МИА од Атина, коментира дека во болниците сѐ е пред распаѓање.

-И претходниот закон и овој сега се против работничките права. Во болниците ситуацијата е трагична, немаме персонал, ќе прават приватизации, сѐ е пред распаќање, вели таа.

Заедно со синдикатите, протестираа и студентите.

-Студенти сме, не сме вработени, но утре и ние ќе треба да најдеме работа, конкретниот закон не ни носи никакви поволности, затоа ги поддржуваме синдикатите во нивната битка, вели студент кој заедно со неговите колеги учествуваше во протестот.

Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) од утрово започна 24-часовен штрајк во знак на протест поради новиот закон во социјалното осигурување што вчера беше доставен во грчкиот Парламент, а се очекува во следните денови да биде ставен на гласање.

Од шест часот утрово, Атина е без автобуси, тролејбуси, трамвај и метро, бидејќи во штрајкот учествуваат и вработените во јавниот превоз, што целосно ја парализира грчката престолнина.

Проблеми има и во поморскиот сообраќај, на најголемото пристаниште Пиреас бродовите ќе останат закотвени, а на другите две атински пристаништа ќе има промени во возниот ред.

Во штрајкот учествуваат и Федерацијата на вработени во државните болници, како и Федерацијата на вработени во локалната самоуправа.

Новинарите со тричасовен прекин на работата од 12 до 15 часот, им даваат поддршка на синдикатите.

Владини извори за грчката новинска агенција АНА-МПА синоќа коментираа дека според барањата на синдикатите, штрајкот е против законот донесен од СИРИЗА во 2016, чии негативни одредби се укинуваат во новиот закон што го донесе актуелната влада.

-Станува збор за синдикална неразумност и штрајкови кои се јасно поттикнати од чисто партиски мотиви и цели, коментираат грчки владини извори за АНА-МПА.

Во однос на новиот закон, министерот за труд и социјални работи на Грција Јанис Вруцис, вчера за грчката новинска агенција рече дека е атрактивен, реципрочен систем што обезбедува посебна грижа за семејствата со повеќе деца, за младите, за вработените мајки, за земјоделците, за пензиите на вдовците, како и за лицата со посебни потреби.

Објасни дека не е предвидено намалување на пензиите, „туку напротив, еден дел од пензионерите ќе добијат покачувања“.

-Најфаворизирани се денешните и идните работници, бидејќи сите ќе видат зголемувања на нивните пензии, доколку имаат над 30 години работен век, вели Вруцис.

Додаде дека станува збор за прв закон за социјално осигурување во историјата што е придружен со експертска студија за пензиите потврдувајќи ја одржливоста на осигурителниот систем до 2070 година, но и дека е прв закон по 12 години што не вклучува никакво намалување на пензиите.