Македонија
6. July 2020 - 19:38

Министерството за образование со концепт за далечинско учење се подготвува за новата учебна година

Учениците се подалеку од враќање во школските клупи. Капиите на училиштата најверојатно ќе останат затворени и по 1-ви септември, судејќи по објавениот документ од Министерството за образование, кој предвивува организирање на далечинска настава во новата учебна година.

Насловен “Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава”, во документот меѓудругото се бараат измени во законската рамка.

Ќе се доуредуваат работните должности на наставниците, начинот на кој ќе ја користат информатичката технологија, а законите ќе претрпат промени и во начинот на организација на наставата и во оценувањето на учениците.

Лоцирани се и најголемите предизвици кои треба да бидат надминати во следниот период. Околу 30 илјади ученици немаат компјутер во своите домови, па заедно со недоволната дигитална писменост, се наведува дека претставуваат најголема пречка за квалитетна онлајн настава.

Концептот за далечинската настава ќе се базира врз домашни документи, но и странски искуства. Појдовна основа ќе биде “Стратегијата за образование 2018-2025”, во која учењето од далечина нема добиено преодна оценка:

“И покрај тоа што за сите основни и средни училишта се обезбедени персонални компјутери достапни за сите ученици, примената не е доволно ефективна. Недостасуваат стандарди за користење во образовниот процес, а сите наставници не се доволно обучени”, се вели во овој документ.

Од останатите новини кои би ја прателе наставата од септември, се препорачува поголема вклученост на родителите во целиот процес, како и можност за одржување на онлајн час со две паралелки одеднаш.

Од МОН наведуваат дека Бирото за развој на образованието до петок ќе прима предлози и сугестии во врска со организирањето на далечинското учење.