Македонија
19. February 2020 - 17:09

Министерот за култура не гледа ништо спорно во распределбата на парите за проекти од национален интерес

1.500 евра за проект, доделени буџетски средства, за министерот за култура не се огромни пари и тој смета дека нема потреба да се дава толкаво значење во јавноста. Ваков одговор добивме од министерот Исмаили откако јавноста реагираше на распределбата на парите од Годишната програма за проекти од областа на културата. Тој вели дека не знаел кој сè аплицирал на конкурсот, бидејќи се работело за речиси 5.000 апликации.

“По законските основи јас мислам дека нема некакви ограничувања за било кого, тоа е отворено за сите и новинари и медиумски работници и писатели, политичари, никого не можеме да игнорираме и да ги запоставуваме. Ако тоа го направиме, тогаш мислам дека сме го прекршиле законот, а не во овој случај кога сме им дале. Така беше и со случајот со Нано Ружин. Знаете, не се работи за некои огромни суми, па толку прашина да се крева. Тоа се повеќе политички игри според моето мислење. Да не правиме од снегулките лавина. Можеби порано имаше лавина од критики, но оваа година тоа се само снегулки според моето мислење”, вели министерот за култура, Хусни Исмаили.

Инаку, по 1.500 евра за своите проекти добија Ѓорѓи Спасов, долгогодишен партиски функционер на СДСМ, пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, како и поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин. Клучен критериум за добивање финансиска поддршка бил квалитетот на проектите.

Од Комисијата за спречување корупција веќе најавија дека ќе го проверат секој сегмент од конкурсот, бидејќи лошите критериуми за распределба на парите оставаат сомнеж за корупција. Според нив, квалитетот не е мерлив критериум, а Министерството не ги зајакнало условите за аплицирање, иако тоа го порачале антикорупционерите по минатогодишните скандали.

“Тие наметнуваат некои услови за вреднување, или мерливост на квалитетот, потоа самата таа госпоѓа велеше дека квалитетот е немерлива една категорија, така да нè става во една неповолна положба. Токму поради тоа ние формиравме наши комисии 12, 13 колку што беа на број во сите дејности, професионалци од дотичната област. Така да тие го вреднуваат тој квалитет и тие наслови или проекти што се. Секој друг е некомпетентен”, рече министерот Исмаили.

Реакции во јавноста имаше и за тоа што пари за издаваштво добија наслови кои немаат врска со културата. Министерот ни тука не гледа проблем бидејќи тоа биле само изолирани случаи, а не масовна појава.

Годинава за проекти од национален интерес во културата беа поделени околу 6,5 милиони евра.