Бизнис
13. February 2020 - 21:03

Министерот тврди дека нема проблем со откупот на тутун, заменикот обвинува дека состојбата на терен е алармантна

Раководството во Министерството за земјоделство со спротивни ставови за тоа како се одвива откупот на тутунот. Додека  министерот тврди дека тутунот речиси целосно е откупен две недели пред крајниот рок, техничкиот заменик министерот од редот на опозицијата обвинува дека состојбата на терен е алармантна.

“Додека министерот не ги прошета сите села во република Македонија каде што се произведува тутун, овие прес конференции и овие изјави не му држат вода. Едноставно ситуацијата на терен е премногу алармантна. Има премногу тутун што не е откупен. Меѓутоа, постои голема веројатност да не биде откупен тутунот, а времето се затоплува и квалитетот му се намалува”, вели Цветан Трипуновски, заменик министер за земјоделство.

Од друга страна министерот е оптимист дека откупот на тутунот целосно ќе заврши наредните денови.

“Последната состојба е дека 97% од тутунот е откупен. Во моментов, значи до вчера, постигната е просечна цена е 220,45 денари, што значи дека ако ги споредиме последните години е највисока просечна откупна цена. Во моментот состојбата што ја следиме барем на терен државните инспектори за земјоделство се активни, а против второстепената комисија сè уште нема поднесена жалба од самите тутунари, кои може да го искористат и тоа право”, рече министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Согласно договорите, откупните пунктови мора да се отворени до 29 февруари, до кога е законскиот краен рок за откуп на тутунот.