Бизнис
15. January 2020 - 16:39

Министерот и заменикот во зeмјоделие повторно со различни тврдења за случајот на Екрем

Министерот за земјоделство Димковски ги повика техничките владини кадри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат и да не прават опструкции. Смета дека обелоденувањето на индивидуални предмети е манипулирање со јавноста од страна на опозицијата. Граѓаните, вели, не смее да бидат жртви на дневни политички препукувања во предизборието.

“Ги повикуваме техничките кадри на ВМРО-ДПМНЕ да се ослободат од матрицата во која се заглавени. Точно е дека сме идеолошки различни и по начинот на размислување и по политичкото дејствување. Но, тоа не смее да биде пречка до 12 Април да соработуваме со министрите и дополнителните заменици за повисоки цели и во интерес на граѓаните. Ова што го гледаме од страна на дополнителниот заменик министер, каде што со индивидуални случаи излегува и манипулира со јавноста, видовме каде што мавташе со еден документ, се покажа дека содржината на записникот не е таа што ја кажуваше. Земјоделството е еден од клучните двигатели во нашата економија и затоа сите имаме обврска да работиме на развојот на оваа гранка”, порача Трајан Димковски, министер за земјоделство.

Заменскиот министер Трипуновски, пак, вели дека токму мешовитата техничка влада е гаранција за законито работење, чија цел е да не се заобиколуваат процедурите, како со случајот на земјоделецот Екрем.

“Предметот на Екрем опфаќа три парцели, две се во приватна сопственост и една е земена од државата. Онаа парцела што е земена од државата е поведена постапка и е затворен предметот. Прашањето е: зошто министерот Димковски го заобиколува овој записник каде се наведени приватните парцели на господинот Екрем, опфатени од поплавите, односно невремето од 2016 година и до ден денеска по основ на оваа констатирана состојба Екрем нема одговор од институциите. Зошто проценетата штета од над 600.000 денари сè уште не му е исплатена. Тоа е клучното прашање. Ниту се вадат поединечни случаи, ниту се прави некаква манипулација по партиска, верска или не знам каква основа”, рече Цветан Трипуновски, заменски министер за земјоделство.

Предметот на земјоделецот Екрем Јаји, од скопско Брњарци, веќе цела недела е причина за обострани обвинувања меѓу власта и опозицијата. Иако има проценка за уништените овошни насади и настаната штета во износ од 10.000 евра, како последица на катастрофалните поплави во 2016 година, државата сè уште не му исплатила обештетување. Тој рече дека ако не успее тука, правдата ќе ја бара во Стразбур.