Бизнис
26. јуни 2017 - 16:34

Минимална плата - неопходна помош од државата

Ќе се договори ли минималецот од 12 илјади денари? Дали фирмите од трудоинтезивните сектори можат веднаш да ја зголемат платата на овој износ? Дел од работодавачите велат дека е неопходна помош од државата особено во секторите каде минималната плата е најзастапена.

Ставот на бизнис конфедерацијата е дека за економска и социјална сигурност неопходно е зголемување на платите, но државата мора да најде механизам како да ги заштити фирмите односно да им го олесни водењето на бизнисот.

Од Организацијата на работодавачи велат дека стопанството не може само да го издржи товарот и веднаш да ја зголеми платата без помош од државата, особено во трудоинтензивните сектори кадешто минималната плата е најзастапена.

Тие предлагаат износот постепено да се зголемува  во следните три години или пак државата да ја субвенционира разликата до 12 000. Сепак очекуваат дека ќе биде постигнат договор со надлежните со заедничка корист за работниците и фирмите.

Преговорите за зголемување на минималната плата почнаа во петокот кога надлежните  се сретнаа со претставниците на синдикатите. Министерот за финансии изјави дека нема дилема дека ќе има зголемување на минималецот во сите сектори. За најсиромашните сектори односно текстилната, кожарската индустрија земјоделството и трговијата ќе бидат обезбедени пари во Буџетот.

Минималната плата во земјава беше утврдена во 2011 кога изнесуваше 8 050 денари. Законот за минималецот почна да се применува од 2012 и имаше етапно зголемување до минатата година кога достигна 10 080 денари. Во текстилната и кожарската индустрија беше предвидено усогласувањето да трае подолго. Таму минималецот сега изнесува  9 590 денари.