Македонија
26. January 2021 - 21:18

Милошоски тврди - Во Собранието има пратеник кој е осуден за силување

Лица сторители на родово базирано насилство да не можат да бидат кандидати за пратеници, градоначалници, министри или други високи политички функции.  Ова го побара  Антонио Милошоски, кој обвини дека меѓу народните избраници има пратеник кој силувал жена. Името не го откри, но вели дека веќе бил осуден и ја одлежал казната.

 Ова го кажувам затоа што, за жал, меѓу нас во Собранието имаме колега пратеник кој силувал жена, а сепак, е на висока функција. Името нема да го споменувам за да не будам лоши сеќавања кај жртвата. Ама затоа апелирам, особено до пратеничките, да побараат законски измени за во иднина да се оневозможи сторители на ваков и слични деликти да бидат избрани или именувани на функција, рече Милошоски.

Според законот ДИК по службена должност ги проверува сите кандидати. Ги контактира судовите, кои електронски доставуваат извештај дали лицата биле осудувани. Извори од комисијата за Сител велат дека до сега не добиле потврда за некој пратеник  дека бил осуден. Доколку  Милошоски има такви сознанија, треба јавно да го каже пратеникот, со име и презиме, во спротивно се работи за класична манипулација и злоупотреба на Уставот, под закрила на пратеничкиот имунитет.

Во досегашните собраниски состави имаше пратеници кои претходно биле на издржување на повеќегодишна затворска казни за разни кривични дела. Според актуелната легислатива кандидат за пратеник не може да биде лице кое е осудено со прависилна судска одлука на безусловна казна затвор над 6 месеци, чие издржување се уште не е започнато  или се наоѓа на издржување затворска казна.