Балкан
8. July 2019 - 16:08

Мицотакис и официјално нов грчки премиер

Киријакос Мицотакис ја врати традицијата заклетвата како нов премиер да ја даде пред поглаварот на грчката православна црква. Во кругот на семејството и во присуство на шефот на државата Прокопис Павлопулос, Мицотакис пред Архиепископот Јеронимос се заколна дека ќе им служи на интересите на грчката држава и народ, по дадената доверба од граѓаните.

Пред заминувањето во премиерската палата каде Алексис Ципрас изврши примопредавање на функцијата, Мицотакис изјави дека е подготвен да ја промени Грција.

,,Народот вчера ни даде силен мандат да ја промениме Грција. Почестен сум што ќе го исполнам. Од сега почнуваме со макотрпна работа и на висината на предизвиците‘‘, изјави Мицотакис.

Инаку, според официјалните резултати од гласањето на предврмените избори, Нова Демократија освои апсолутно мнозинство, односно 158 мандати во 300 члениот грчки парламент, со што партијата сама  ќе формира влада.

Сириза на Алексис Ципрас освои 86, а во парламентот влегоа уште 4 партии, но не и неофашистичката Златна зора ниту партијата на Панос Каменос кој ја напушти владата поради Преспанскиот договор.

Светските медиуми коментираат дека не постои земја во Европа во која фамилијарната традиција во политиката е застапена како во Грција.

Последниот висок политичар на династијата Мицотакис, Киријакос е потомок на познатиот Елефтерос Киријакос Венизелос грчкиот државник и истакнат лидер на грчкото национално ослободително движење во 19-от век.

Не залудно, Мицотакис веднаш по победата изјави дека го чувствува духот на неговите родители и предци како го штитат. Негов татко е премиерот Константинос Мицотакис, кој ја предводеше владата од 1990 до 93-та година кога и се интензивираше спорот за името на Македонија.

Сестрата на Киријакос, Дора Бакојани беше шеф на грчката дипломатија, кога беше поставено вето за македонското членство во НАТО во Букурешт во 2008ма година. Актуелниот градоначалник на Атина, Костас Бакојани, пак е неговиот внук.

Токму културата на непотизам во грчката политика е тоа што ги измачува сите поствоени грчки влади, коментира странскииот печат.