Бизнис
18. February 2020 - 16:32

Мицкоски: Се обврзуваме на 12 инфраструктурни објекти, меѓу кои автопат Скопје-Битола

ВМРО-ДПМНЕ ќе креира програма што ќе се фокусира на економијата, како најслаб сегмент во земјата, ветува лидерот на партијата. Според него, нема развиена економија без добра инфраструктура.

“Се обврзуваме на обнова која ќе донесе автопатско поврзување на Скопје со Битола, тоа ќе значи градба на нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола. Ќе изградиме автопат по кој од Скопје до Битола ќе се патува за час и половина. Ова значи нова патна артерија, нов коридор односно ново автопатско поврзување од Велес, Чашка, Прилеп па се до Битола, кој е од стратешко значење за Пелагонискиот крај и еден милион граѓани. Воедно ќе го доизградиме сето она што е започнато т.е. автопатите кои што ги започна и предвиде Владата на ВМРО-ДПМНЕ, автопатот Кичево - Охрид и автопатот Скопје - Блаце”, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Освен довршување на започнатите патишта, дел од ветувањата се изградба на нов експресен пат од Куманово до Крива Паланка, од Битола до грчката граница, како и од Струмица до границата со Бугарија.

“Се обврзуваме за обнова со која ќе донесе 2 милијарди евра за инвестиции во патишта. Овде пред се спаѓаат инвестициите и градбата на автопатиштата, експресните и регионалните патни правци. Значи за еден мандат инвестиција од минимум 2 милијарди евра што ќе биде значителна финансиска инекција за градежниот сектор. Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на 150 километри експресни патишта низ целата држава”, рече Мицкоски.

Освен во патната, Мицкоски ветува инвестиции и во железничката инфраструктура, како и во водоводни и канализациони мрежи ширум земјава.