Македонија
3. December 2021 - 17:19

Мицкоски: Потребни се нови луѓе кои ќе го напуштат принципот на неказнивост

Од донесувањето на телата на 45-те починати во несреќата во Бугарија, власта направи спектакал, а нема ниту морална одговорност, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешниот престој во Прилеп, коментирајќи го пристигнувањето на телата на жртвите од несреќата во Бугарија.

Според Мицкоски, тоа не требаше да се дозволи, ниту луѓето кои се виновни што не се почитуваа правилата, сѐ уште да одлучуваат.

-Зачуден сум, што на овој настан му се даде димензија каква што не треба, небаре станува збор за некаков спектакл и што тие луѓе се таму каде што се и одлучуваат, наместо да заминат од власта и функциите. Прашањето е како дозволивме како општество, покрај тоа што ни се случи во модуларната болница во Тетово, а сега да се случи ова во катастрофа да загинат 45 лица и како е дозволено толку пати да ја мине границата тој автобус, и како некој толерира да нема ниту морална одговорност. Затоа се потребни нови луѓе кои ќе го напуштат принципот на неказнивост, туку и ќе го засилат, кажа Мицкоски.

Одговарајќи на прашање за енергетската криза и цената на струјата, Мицкоски оцени дека доколку се презеле мерки во април, сега ќе немавме проблем со струјата, а сега, како што посочи, секое решение чини многу пари.

– Ако се преземаа мерки таму некаде април-мај тогаш состојбата ќе беше многу поразлична и неточни се оние тези од владата кои велат дека била ова енергетска криза секаде во Европа. Да, но прашањето е колкава е цената која ќе ја платат. Ако се преземаа мерки наместо да се краде, да се работи да се копа во април мај денеска ќе требаше пари, но немаше да требат толку, односно ќе требаше два до три пати помалку. Еве најнова информација: ЕСМ набавува електрична енергија бидејќи не ја произведува во декември за првите 12 дена и веќе потроши 6,2 милиони евра. Веќе потроши на јавна аукција 6,2 милиони евра и ја плати историски најскапата цена од 320 -325 евра за мегават/час. Тоа се пари на граѓаните, рече Мицкоски.

Тој дополни дека според разговорите со стопанственици од Регионалната стопанска комора во Прилеп сметките и договорите кои ги потпишуваат за следниот период за набавка на електрична енергија се зголемени 2,5 до 3 пати, а некои кажале и повеќе. Но, укажа, тоа е за оние компании кои се снабдуваат од трговците. Оние кои се снабдуваат од универзалниот снабдувач, ќе мора да ја чекаат одлуката на Регулаторна комисија која треба да ја донесе крајот на овој месец или во почетокот на јануари. Дали може да излеземе од оваа ситуација, денеска 3 декември, ако направиме пресек, можеме да, но тоа ќе нѐ чини многу пари, можеби 20 -30 милијарди денари ако сакаме да излеземе од оваа криза односно само да ја поминеме безболно, да нема некој посериозен ценовен шок. За жал ситуацијата е таква затоа велам потребни се предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.

По средбата со стопанствениците од Регионалната стопанска комора во Прилеп, Мицкоски рече дека не смее да има повластени, ќе се реши проблемот во урбанизмот и за јавните набавки во Прилеп.

-Не смее да има повластени, сите сме исти, сите ги имаме еднаквите права пред законот и сите ние она коешто ни следува и сето она кое со закон ни припаѓа треба да го имаме. Не треба некој да биде над законот и некој да го злоупотребува законот. Очекувам во периодот кој следи, ова што го зборувам пред вас и пред граѓаните да го реализираме и на следната средба да зборуваме за развој и да излеземе од оваа минусна точка и да дојдеме до позитивна нула за да можеме да зборуваме потоа за развој на Прилеп, рече Мицкоски кој нагласи дека имало злоупотреби за градежните дозволи, во процесот на легализацијата и поплаки за јавните набавки. Најави итни мерки во рамки на законите, а очекува резултати од состанокот со стопанствениците до крајот на годинава.