Бизнис
22. February 2020 - 16:56

Мицкоски најавува за 50% почист воздух и целосна гасификација со бесплатен приклучок

Секое домаќинство ќе добие природен гас а поврзувањето кон гасоводната мрежа ќе биде бесплатно. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавува гасификација на секое населено место во државата со изградба на магистралните цевководи Неготино-Кавадарци-Битола, Штип-Радовиш-Струмица, Свети Николе-Велес. На гасоводната мрежа е предвидено приклучување на термоелектраната Неготино, а природен гас ќе пристигне и до индустриските зони во Штип, Прилеп, Струга, Жабени.

„Еден од стратешките приоритети на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе природен гас за  употреба во домаќинствата, индустријата, малите и средните претпријатија, образованието, социјалните установи, здравствените установи итн.  Затоа ќе го изградиме гасоводниот систем во државата. Во наредниот период со интензивна динамика ќе се пристапи кон: завршување и пуштање во употреба на проектите кои беа започнати од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а еве гледаме на крајот од мандатот на оваа влада не се сеуште завршени“, изјави Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

За зголемување на енергетската ефикасност на домовите, ВМРО-ДПМНЕ најавува субвенции за поставување сончеви колектори, термофасади, менување прозорци.

„Фактичката состојба покажува дека многу од домовите на граѓаните се енергетски неефикасни, или воопшто немаат фасада, а нивната обнова пак или изградба на фасада чини пари. Затоа се обврзувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе финансира половина од трошоците за изградба на нова енергетска фасада и замена на ефикасен оков во домовите. Со оваа мерка ќе се намали непродуктивното користење на енергијата, а тоа пак ќе придонесе за заштита на животната средина“, вели Мицкоски.

Од партијата велат дека овие проекти ќе овозможат намалување на загаденоста во воздухот за 50 проценти а дополнително се предвидени инвестиции во екологијата.

За подобрување на електроенергетскиот систем на државата, Мицкоси најавува изградба на нова термоелектрана во Малешевијата која ќе работи според највисоки еколошки стандарди во која е предивдено да се отворат 1000 работни места.