Балкан
16. March 2018 - 9:15

Мичел се сретна со Каменос и Коѕијас

За билатералната одбранбена соработка, за случувањата во поширокиот регион и за прашањето со двајцата грчки војници притворени во Турција, разговарале на вчерашната средба грчкиот министер за одбрана Панос Каменос и Американскиот помошник државен секретар, задолжен за Европа и Евроазија Вес Мичел.

Американскиот помошник државен секретар, вчера беше во посета на Атина и одржа средби со претставници на грчката Влада. Според Еуроњус на грчки јазик и весникот „Ризоспастис“ на Комунистичката партија на Грција, Мичел се сретнал и со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, без да постојат дополнителни детали околу разговорите.

Мичел Коѕијас Каменос

Пред почетокот на неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан беше најавено дека Мишел во Атина на средби со грчкиот државен врв се очекува да разговара и за спорот за името.

Како што јави дописникот на МИА од Атина и средбата со Каменос и средбата со Коѕијас, беа затворени за медиумите.

Единствено од Министерството за одбрана на Грција излегоа со официјално соопштение. 

- Министерот за национална одбрана Панос Каменос, се сретна со заменик министерот за надворешни работи на САД Европа и Евроазија, Вес Мичел. Имаше широка размена на мислења за прашањата од билатерална одбранбена соработка и за случувањата во поширокиот регион. Широко се разговараше за прашањето со двајцата грчки војници кои и понатаму се во притвор во Турција, пишува во кусото соопштение од грчкото Министерство за одбрана, без да биде споменато прашањето за името и дали и тоа се нашло на агендата разговори.

Мичел на 12 март ја почна својата турнеја по земјите од Западен Балканот со посетата на Приштина, а во Скопје беше на 13 март. Турнејата трае до утре а во рамки на неа ги посети освен Приштина и Скопје ги посети и Белград, Атина, а предвидена е посета и на Никозија. 

Тој во Скопје на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев порача дека САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко решение за прашањето за името.

- Македонија презеде големи чекори напред во ангажирањето во преговори со нејзините грчки соговорници и ова е одлична можност за доаѓање до решение. Многу е важно двете држави да продолжат со преговорите, додаде тој.