Македонија
17. February 2020 - 16:44

Меѓународната заедница задоволна од новите законски решенија

Американската амбасадорка во земјава го поздрави успехот на 9-от парламентарен состав во изминатите 3 години. Кејт Брнз на Фејсбук страницата на амбасадата во Скопје ги спомена ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, како и договорите и законите донесени во собранието изминатиот период.

– Овие постигнувања ја отсликуваат посветеноста на Северна Македонија кон списокот реформи што се спроведуваат заради доброто на нејзините граѓани и заради нејзината сигурна трансатлантска иднина, напиша амбасадорката.

По усвојувањето на законот за јавно обвинителство германскиот министер за европски прашања Михаел Рот на Твитер објави.

-Добри вести од нашите пријатели од Северна Македонија: Парламентот штотуку го усвои двотретинскиот Закон за Јавното обвинителство. Натамошен чекор кон владеењето на правото и европската иднина на Македонија. Сега е на ЕУ конечно да испорача, напиша Рот на својот Твитер.

За распуштањето на парламентот пишуваа и повеќе француски медиуми. Тие ги оценуваат предвремените избори како голем тест за проевропската политика на поранешниот Премиер.

Внимание за предвремените избори во земјава закажани за 12 април посветија и повеќе грчки медиуми. Катимерини во својата анзлиза тврди дека  Знамето на НАТО нема да му донесе победа на Заев. Повеќето медиуми пак ја пренесуваат оптимистичката изјава на Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајнен дека Западен Балкан е поблиску до ЕУ и се надеваат дека Македонија и Албанија ќе почнат преговори пред самитот во Загреб.