Меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“
Дипломата не гарантира работа. Академската фела алармира дека малиот интерес за студирање на Катедрата за македонски јазик се должи на тоа што студентите по дипломирањето ги чека неизвесност, а не сигурно работно место. Стипендиите кои се доделуват се стимул, но не доволен.
„Самата стипендија е одличен поттик. Сега само уште треба да се реализира потребата што стои во Законот за употреба на македонскиот јазик за вработување лектори во јавните установи. Со ова, секој дипломиран професор по македонски јазик со положен лекторски испит може соодветно да се вработи“, изјави проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Но, директорката забележува дека Законот бавно се имплементира.
„На младите им е интересна информатиката, затоа што таму се уште има вработување. Меѓутоа, со македонскиот јазик имаме премногу места кои треба да бидат потполнети. За следните генерации ќе има вработување. Е сега кај нас, работите одат малку побавно. Она што требаше да се направи за една година, се прави за три или четири. Но, сега е моментот да се запишат на студии, кога ќе завршат ќе имаат веднаш вработување“, изјави проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Има интерес да се изучува македонскиот јазик во Полска, но слаб е одзивот од Македонија за да се промовира јазикот во Краков, оценува професорот Кавка, еден од најголемите македонисти меѓу полонистите.
„Има студенти кои сакаат да учат македонски, кои сакаат да зборуваат македонски, кои сакаат да доаѓаат во Македонија, посебно во летната школа во Охрид и тие си контактираат. Повеќе би требало да има интерес од Македонија да се развива македонистика во Полска. Не знам.. Некои стипендии, некои други работи. Но, треба да се подигнат повеќе иницијативи надвор од наставата. Изложба на дела, но недостасува дом на култура во Краков“, д-р Маќеј Кавка, професор по лингвистика „Национална едукација“ – Краков, Полска.
На 10-тата јубилејна Меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“ учество зедоа 185 учесници, видни научници и професори од дома и странство.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
