Македонија
23. September 2021 - 16:37

Меѓународен ден на знаковиот јазик

“Сакам да споделам дека јас произлегувам од семејство во кое три генерации се веќе глуви, баба и дедо, мајка и татко, јас и сестра ми. И тоа не е лесно. Напротив, живеете во семејство кое не може да ве поддржи и затоа велам дека зборувањето на раце за нас значи живот”, вели Влора Велиу.

Вака Влора Велиу раскажува за својот живот. Вели дека би им било многу полесно доколку знаковниот јазик е застапен во редовните училишта, но таму наставата се одвива единствено со зборување и орална метода.

“Со самото тоа што сме глуви отежнато е да се влезе во продавница, на факултет, во сите институции. Немаме комуникација и ниту можеме да бидеме разбрани од страна на институцијата, ниту, пак, ние можеме да разбереме што таа сака нам да ни каже. За таа цел потребни ни се толкувачи кои ќе бидат расфрлени низ државата за да ни помагаат”, објаснува Влора Велиу.

Државата нема податок колку лица имаат потреба од знаковен јазик. Од движењето Полио Плус, кои се залагаат за подобрување и олеснување на нивниот живот, очекуваат дека пописот ќе даде конкретна бројка со цел да се креираат соодветни политики.

“Глувите и наглувите лица, како и останатите граѓани од заедницата со хендикеп, се соочуваат со голем број на проблеми и препреки во уживање на своите права. За жал нашата држава не го уредува прашањето на знаковниот јазик како јазик, туку е ставено во областите или во рамките како социјална бенефиција”, вели Елена Кочоска од Полио Плус, движење против хендикеп.

“Нашата држава речиси триесетина години прави обиди, меѓутоа останува сè уште сериозна обврска сите институции да ја испочитуваат Конвенцијата и да овозможат пристапност на глувите лица. Кога велам пристапност, тоа значи еден глув човек да може удобно да влезе во банка, удобно да влезе во некоја телевизија да даде изјава, да се чувствува корисен, да може да ги заврши сите обврски по министерства, секаде каде што впрочем одиме и ние. Имам сознанија за состојбата на теренот и сметам дека ќе треба државата повеќе да се погрижи и за внатрешноста, бидејќи некако по инерција сè се случува во Скопје. Лесно е да се биде глув човек во Скопје, но во внатрешноста нèчекаат илјадници граѓани и семејства”, вели Марија Башеска Стојановска од Асоцијацијата на толкувачи на македонски знаковен јазик “Гласни раце”.

По повод одбележување на Меѓународниот ден на знаковниот јазик денеска беа организирани повеќе настани, а своја честитка упатија и премиерот и претседателот на државата.

“Системски работиме да го импелментираме стручниот кадар кој користи знаковен јазик во предучилишното образование, во градинките. Затоа што инклузијата започнува од најраната возраст. Во моите јавни настапи, секаде каде што е возможно вклучуваме знаковни толкувачи. И повторно повикувам оваа пракса да стане секојдневие кај сите функционери и општественици. Да го направиме сите заедно пристапот до информации што подостапен за нашите сограѓани со оштетен слух”, рече премиерот Зоран Заев.

“Да им овозможиме непречен пристап до знаковниот јазик и услугите на знаковен јазик на сите наши глуви и наглуви сограѓани. Да помогнеме да ги премостат бариерите со кои се соочуваат во комуникацијата со институциите. Да не заостануваме зад светот во унапредување на знаковните јазици како дел од јазичната и културната разновидност”, порача претседателот Стево Пендаровски.