Македонија
19. јуни 2021 - 16:47

„Масовно“ на Табановце и на вакциналните пунктови во Србија додека вакциналните пунктови во земјава се затворени

Белград и Ниш беа дестинациите за македонските граѓани кои викендот се ревакцинираат во Србија. Тамошните здравствени власти одлучија сите граѓани од регионот кои на крајот на март добија прва доза и втората да ја примат на истата локација. Од АМСМ информираа дека утринава на граничниот премин со северниот сосед се чекало  40-тина минути.

Според податоците од полициските службеници на граничниот премин Табановце од ноќеска на полноќ до денеска напладне територијата на државата ја напуштиле 3587 македонски граѓани и се упатиле кон Србија. Најголема фреквенција имало во раните утрински часови.

Граѓаните кои рано тргнале околу пладне веќе се враќаа.

-Супер беше... За ревакцина ли бевте? – Да. Се сомневавте во квалитетот на Астра Зенекат, не ќе се вакцинирав со било која вакцина, изјавија македонски граѓани на граничниот премин Табановце.

Од Здравствениот дом во Ниш велат дека кај нив само во март со првата доза биле вакцинирани 5800 македонски државјани.

-Многу е значајно кога ќе пружите рака на пријателскиот народ, на првите соседи, од која ви зависи и епидемиолошката ситуација, изјави Даниела Нешиќ, пом. директор на ЗД Ниш.

Во здравствениот дом во Ниш денеска се ревакцинираа и претставници на македонската ветеринарна комора.

-Тоа значеше за нас многу, не можевме, знаете каква беше ситуацијата во регионот, српската влада беше успешна во менаџирањето со вакцини, се заблагодаруваме за можноста да се вакцинираме, изјави во Ниш Томислав Николовски, претседател на Ветеринарната комора на Македонија.

На Белградскиот Саем освен за ревакцина со Астра Зенека, за граѓаните од Македонија и Босна и Херцеговина дозволуваат и прв пат да се вакцинираат.

-На крајот на март на Белградскиот саем се вакцинираа 22 странски државјани, сега дојде време за ревакцинација, изјави Зоран Бекиќ, директор на Белградскиот Саем.

Иако беше најавена можноста македонските граѓани за ревакцина да не мора да одат во Белград или Ниш туку да се боцкаат поблиску до границата, такво нешто викендов не беше организирано.

Сите вакцинални пунктови работат согласно количините со кои располагаат, ние разговаравме со колегата Лончар во поблиските градови да се донесат вакцини, и рече согласно количините со кои располагаат и тоа ќе го направат, изјави Венко Филипче, министер за здравство.Во меѓувреме додека во земјава се чека поголемата количина вакцини 100.000 Фајзер преку Ковакс и 500.000 Синовак кои Филипче ја најави дека ќе стигнат до крајот на јуни, македонски граѓани и денеска за прва доза беа во Србија.

-Се вакциниравте ли? Да, во Врање.. Со која вакцина? –Со Фајзер, велат македонски граѓани кои ги сретнавме на Табановце.

Инаку вакциналните пунктови во земјава, по три дена пауза повторно ќе бидат отворени во понеделник.