Македонија
12. јуни 2021 - 16:52

Масовни собири и средби со граѓани - партиите во активно лето пред локалните избори

Почна ли кампањата за локалните избори на есен? Иако точен датум за избор на градоначалници и советници се уште нема, политичкиот договор Заев-Мицкоски за избори во втората половина на октомври  е доволен повод партиите да ги засилат своите активности.

Владејачката СДСМ вчера пред слаата Борис Трајковски ја почна серијата трибини „најдоброто за твојата општина“, на која јасно беше дека се промовира нов мандат за градоначалникот Шилегов. Слични трибини ќе се одржат низ цела држава.

- Додека ВМРО-ДПМНЕ тоне, СДСМ продолжува заедно со граѓаните. Граѓанските трибини ќе продолжат и во други градови, в понеделник сме со граѓаните на Прилеп а паралелно се одржуваат маалските и урбани средби ширум земјава. СДСМ е во секое маало, секое населено место, секој град и општина, за да ги чуеме граѓаните а нивните предлози да ги преточиме во реални, конкретни проекти за следните изборни програми, вели Мартин Попов, организационарен секретар на СДСМ

Познавачите велат дека иако протестите на ВМРО-ДПМНЕ се тематски и со повод преговорите со Бугарија, јасно е дека тие сепак одат на контото на партијата за локалните избори. Појавувањето на Мицкоски и пратениците на терен меѓу членството исто е во функција на предизборна кампања, но од партијата најавуваат и официјална предкампања која ќе биде во насока на локалните избори.

Минатиот викенд пак, партиска промоција со нови брендирани бои и политика направи и ДУИ.

Според изборниот законик, како предизборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.

Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.