„Марш на ангелите“ во Кочани
Родителите, роднините и пријателите на семејсвата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ попладнево повторно излегоа на кочанските улици на т.н. „Марш на ангелите“. Револтирани се од досегашниот тек на судењето на обвинетите за трагедијата и од начинот на кој нивните адвокати ја презентираат одбраната.
- Дали судницата се претвори во Струшките вечери на поезијата, дали таму се оди за рецитирање или за вистината, дали зборовите треба да ја покријат смртта на нашите деца.? Тоа што го слуша јавноста може да помисли дека децата не загинале, пожар немало, дека никој не е виновен и дека трагедијата била случајна. Но, вистината е сурова и тешка, нашите деца изгореа живи, во чад и во паника со крикови за помош, што никој навреме не ги слушна, изјави Александар Наунов, татко на загинато девојче во пожарот
Според обвинителството прибран е 200 ГБ доказен материјал, а од друга страна се добива впечаток дека никој не е виновен, никој не е одговорен, никој не е надлежен, додаде Наунов.
- Ние не бараме одмазда, ние не бараме крв, ние бараме само едно, правда. Не сакаме судење во стихови и метафори. Сакаме судење со докази, факти и одговорност. Овој „марш“ не е против државата, туку за државата да започне да функционира, за институциите да не бидат празна форма, за функциите да не бидат само плата, туку и обврска, изјави Наунов
Родителите уште еднаш порачаа дека нема да се откажат, ќе продолжат да го следат секое рочиште и да „маршираат“ по улиците се додека правдата не излезе на виделина. Овде се за да се борат за оние кои повеќе не можат да зборуваат и за сите идни генерации кои мора да живеат во нормална држава.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
