Македонија
17. September 2021 - 21:23

Маричиќ: Лицата со здравствени проблеми кои се во затвор или притвор имаат право на лекарска нега

Министерот за правда Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на телевизијата Сител рече дека нема никаква основа барањето на ВМРО-ДПМНЕ тој да поднесе оставка оти, како што тврдат од партијата „осудени лица слободно шетаат низ државата“, нагласувајќи дека никој од нив не бил пуштен поради волја на кој било од власта.

– Памфлетите и соопштенијата со кои се бара моја оставка, немаат никаква основа ни во реалноста ниту во политичките наводи. Сите луѓе кои ги спомнуваат во нивните соопштенија, се под контрола на системот. Сите имаат определен статус кој го определил судот на барање на обвинителството или по свое наоѓање. Сите тие лица кога имало потреба да се движат, тоа го прават под строго контролирани услови под надзор и одобрение на судот. Никој од нив не е пуштен по волја на кој било од власта, истакна Маричиќ.

Тој рече дека е сосема нормално во демократските држави лица кои имаат здравствени проблеми, а кои се на издржување казна затвор или притвор, имаат право на лекарска нега.

За шпекулациите дека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева не е на издржување на затворската казна, Маричиќ рече оти неговите информации говорат дека таа е во Идризово.