Македонија
24. January 2020 - 19:16

Мали се шансите Емилија Христовска да добие пресадување на срце во Македонија

Емилија Христовска Костовска е меѓу првите на листата во земјата на кои им треба ново срце. Според официјалниот регистар направен во 2019, засега 13 лица имаат потреба од ваква трансплантација. Срцето на Емилија работи само 15 проценти и прогнозите на лекарите се што поскоро да го добие неопходниот орган. И покрај маката, оваа 38 годишна скопјанка вчера со голема желба за живот за Сител раскажа низ што се поминала досега, но и колку оптимистички гледа на иднината.

- Ја поздравувам Емилија за нејзиниот оптимизам, лицата кои се позитивни постигнуваат позитивни резултати а тоа не мотивира и нас лекарите. Таа котира високо во однос на итноста за трансплантација, имаме и други млади кои се итни, тоа значи нивната состојба ќе се влошува и тоа значи крајно време за трансплантација, вели др. Маја Мојсова, Национален координатор за трансплантација.

Иако националниот координатор за трансплантација вели дека шансата за Емилија ќе ја бараат и во земјата, сепак, во Македонија досега не е направена ниту една трансплантација на срце, која е најсложена и со многу услови.  Дополнително ги демотивира и фактот што веќе 10 месеци во земјата нема ниту една согласност за пресадување на органи од починат донор.

- Сме немале согласност од април минатата година и за нас е тоа демотивирачки. Кога пак се работи за срце, тој треба да биде од донор не постар од 50 години. Имавме потенцијален донор, делумно млада жена за која ќе баравме и согласност за срце, но младите, нејзините деца не се согласија, вели др. Мојсова. 

Емилија за десетина дена заминува на преттрансплатациски испитувања во хрватска и надежта за ново срце ја гледа таму. Но освен што тешко се доаѓа до ваков орган од починат донор,  дополнителен проблем е што Македонија нема билатерален договор со хрватските здравствени власти за наши пациенти да се најдат на листата за трансплантација. Националниот координатор вели дека работат на базична спогодба со земји од ЕУ, но потребно било исполнување на многу административни процедури.