Македонија
30. March 2020 - 19:40

Македонското знаме се развеа пред седиштето на НАТО

Македонското знаме се развеа пред седиштето на НАТО. Земјава и официјално стана 30та земја на најмоќниот воен сојуз. Скромната церемонија во Брисел мина во присуство на генералниот секретар на Алијансата Столтенберг, кој и посака добредојде на најновата членка.

30 знамиња ќе се веат пред НАТО. Ова е историски момент за Северна Македонија и доаѓа после години на посветеност и заложба за реформите. Приклучувањето на Алијансата е важно за Северна Македонија, за стабилноста на западниот Балкан и за меѓународниот мир и  безбедност. Во времиња како ова пријателите и сојузниците се најважни, а Северна Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници“, рече Столтенберг.

Цереминијата преку видео врска ја следеше и техничкиот премиер Спасовски кој од македонската влада порача дека ова е историски ден, ден за паметење со кој треба да се гордее секој граѓанин.

Македонската армија членството во НАТО го дочекува сосем подготвена вели министерката Шеќеринска. Сонот на сите досегашни генерации се остварува во екот на најголемата пандемија во поновата историја што според Шеќеринска покажува дека 30та столица не е подарена, туку заслужена со напорна работа и бројни реформи.

Македонија членството во Алијансата го официјализираше во петокот откако во Вашингтон го предаде  протоколот за пристапување. Истото  претходно го направија останатите 29 членки.