Спорт плус
7. јуни 2021 - 13:24

Македонските одбојкарите повторно останаа без злато

Македонските одбојкарите повторно не успеаја во намерата да го освојат златото во Европската Сребрена лига. 
 
Иако по втор пат бевме домаќини на завршниот турнир, сега во Струмица, нашата одбојкарска селекција не успеа да ја искористи предноста на домашниот терен, но и поддршката од публиката во салата Парк, па по финалниот меч наместо радост, следуваше разочарување. 
 
Данскиот состав и по втор пат во ова натпреварување беше подобар од нашиот. По убедливите 3:0 во групната фаза, Данците во финалето славеа победа со 3:1 и за прв пат тие, а не ние се закитија со златото. 
 
Пропуштена беше уште една убава можност оваа генерација конечно да се искачи на највисокото место на пиедесталот во ова натпреварување, а со тоа и на обезбеди настап во далеку поквалитетната Златна лига. 
 
Одбојкарите сега ќе одат на заслужен одмор, по што ќе следуваат подготовките за новиот настап на Европскиот шампионат кога во септември во Тампере, црвено-жолтите ќе настапуваат во Ц групата во која за противници ќе ги имаме домаќинот Финска, Русија и Турција три селекции против кои игравме на дебито во Словенија пред две години, а во групата се и репрезентациите на Холандија и Шпанија.