Македонија
17. October 2019 - 16:55

Македонскиот државен врв не се откажува до последен момент

Фото финиш на дипломатските напори за обезбедување датум за преговори. Државниот врв ќе лобира до последен момент, верувајќи дека лидерите на земјите членки на Унијата ќе постигнат согласност за почнување на пристапни преговори со Македонија.

Дали ќе чујат позитивна одлука од Брисел официјално ќе се знае утре до пладне, кога на седницата на Европскиот совет ќе се дискутира за проширувањето на ЕУ.

“Проширувањето е на дневен ред утре околу пладне. Во раните попладневни часови ќе се донесе формална одлука. Бидејќи се прават последни напори околу формулациите кои ќе бидат употребени, во овој момент јас не би одел со сигурен став дека ќе биде ригидно одбиено нашето барање за почнување на преговори. И Заев и јас и Димитров и Османи лобираме до последен момент да добиеме формулација која ќе ги вреднува нашите напори...”

Вицепремиерката Шекеринска верува дека сработеното ќе биде доволен аргумент да ги убеди европските лидери во последен момент да доделат датум, а евентуалниот негативен одговор од Брисел, нема да претставува опасност за владината коалиција.

“Коалициските партнери, кои стојат зад Владата имаат консензус по двете стратешки прашања – членство во НАТО и членство во ЕУ. Покажавме дека и на двата плана имаме резултати. Не гледам никаква причина да се создадат дилеми во владината коалиција. Оваа политичка опција ја донесе Македонија до членство во НАТО и оваа политичка опција ќе ги почне преговорите со ЕУ. Не заради тоа што се трудам да предвидувам, туку заради тоа што ги гледам фактите позади нас”

За разлика од Шекеринска, премиерот Заев во неколку наврати досега алармираше дека недобивањето датум за преговори ќе ја урне владата. Заев стравува дека без датум за преговори, мнозинството во Собранието ќе биде изгубено.

Пендаровски и Шекеринска согласни дека Македонија ги изгубила златните години за евроинтегрирање, кога земјите ги почнувале преговорите со ЕУ со далеку помалку сработени реформи, а самиот процес траел многу пократко.